ЦАРИНАТА УДИРА ПО ШВЕРЦЕРИТЕ Откриена штета од стотици илјади евра, запленети злато, сребро, 35 возила
Царинската управа на Република Македонија за неполни пет месеци годинава поднела вкупно 85 кривични пријави, бројка што е изедначена со вкупниот број пријави поднесени во тригодишниот период од 2020 до 2022 година

Царинската управа на Република Македонија за неполни пет месеци годинава поднела вкупно 85 кривични пријави, бројка што е изедначена со вкупниот број пријави поднесени во тригодишниот период од 2020 до 2022 година. Ова денеска го соопшти директорот на Управата, Бобан Николовски, на прес-конференција, истакнувајќи дека е постигнат значителен напредок во борбата против организираниот криминал, особено во делот на увозот на користени возила и фалсификување на документација.
Според Николовски, со засилени контроли и координирани активности на повеќе фронтови, Царината делува активно против измамите при увоз на храна и возила, со што се спречува избегнување на плаќање давачки и се намалува директната штета врз државниот буџет.
„Решени сме да се справиме со криминалните банди и да ги наплатиме сите долгови кон државата“, изјави Николовски.
Во текот на годинава, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесени се 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица, за дела поврзани со 140 моторни возила. Штетата по државниот буџет, како последица на избегнување давачки, се проценува на 14,7 милиони денари, односно околу 239.000 евра.
Како посебно значаен, директорот го посочи случајот со обид за нелегален увоз на „Мерцедес Е 350“, при што биле избегнати давачки во вредност од 450.000 денари. Возилото е запленето, а поднесени се кривични пријави против девет лица – вклучувајќи две шпедиции (од Скопје и од граничниот премин Блаце), нотар, тројца царински службеници и еден полициски службеник. Случајот вклучувал употреба на фалсификувани документи и лажни исправи.
„Во секоја етапа од случајот е откриено кршење на законот – фалсификување документи, злоупотреба на службена должност и употреба на лажни исправи. Но суштината не е само во еден автомобил, туку во градењето на ефикасен систем“, нагласи Николовски.
Во друг случај, откриена е царинска измама при увоз на 34 автомобили во периодот од 2022 до јули 2024 година. Возилата, со вкупна вредност од 145.251 евро, биле лажно декларирани како товарни возила за да се избегне плаќање данок на моторни возила. За овој случај дополнително се наплатени 1,6 милиони денари, а поднесена е кривична пријава против две правни и две физички лица.
Царинската управа, како што нагласи Николовски, применува сеопфатен пристап во спречување на шверцот и зајакнување на капацитетите, како на фреквентните, така и на помалку активните гранични премини. На граничниот премин Пелинце неодамна е спречен обид за шверц на злато и сребро во вредност од 2,4 милиони денари (околу 39.000 евра), што, според Николовски, претставува пресвртница во зголемувањето на ефикасноста на контролите.
„Ќе продолжиме со уште поинтензивни активности за откривање и гонење на сторителите, со цел создавање побезбедно и пофер општество – основа за одржлива економија“, подвлече директорот на Царинската управа.


