БУНДЕСТАГОТ ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2026 Најголем буџет за одбрана од Студената војна
Буџетот скока на 524,5 милијарди евра, нови заеми од речиси 100 милијарди евра и посебни фондови од уште 83 милијарди

Германскиот Бундестаг го усвои федералниот буџет за 2026 година, кој предвидува силно зголемено задолжување и највисоки трошоци за одбрана од крајот на Студената војна.
Буџетот изнесува 524,5 милијарди евра, што е за 21,5 милијарди повеќе од лани. Речиси 100 милијарди евра ќе бидат обезбедени преку нови заеми, а дополнителни 83 милијарди преку посебни фондови за армијата, инфраструктурата и климатските политики.
Документот беше изгласан со поддршка од владејачката коалиција – 322 пратеници гласаа „за“, а 252 „против“.
И покрај растот на воените трошоци, најголемиот дел од средствата и оваа година се насочени кон социјалната заштита. Министерството за труд ќе располага со 197,34 милијарди евра, од кои над 128 милијарди се предвидени за пензии и основно социјално осигурување.
Буџетот за одбрана за 2026 година значително се зголемува – министерот Борис Писториус ќе има околу една третина повеќе средства од лани, а вкупните трошоци за војската (заедно со посебниот фонд за Бундесверот) достигнуваат околу 108 милијарди евра, најмногу од крајот на Студената војна.
Поради зголеменото задолжување, растат и трошоците за камати. За сервисирање на долгот во 2026 година ќе бидат потребни 34 милијарди евра – сума која речиси одговара на комбинираните буџети на министерствата за образование, домување и развој.
Според процедурата, усвоениот буџет сега оди во Бундесратот, кој може да изрази противење, но не може да го блокира. По тоа, документот се доставува до претседателот на Германија за потпис.


