БУГАРИЈА УСВОИ РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА Акциски план и уставни измени од Скопје

Народното собрание изрази „силна и непоколеблива поддршка“ за Бугарите во Македонија и побара недискриминаторски третман кон нив. Според одлуката, Советот на министри треба да ја достави резолуцијата до Европскиот парламент, Европската комисија, Советот на ЕУ и Советот на Европа.

БУГАРИЈА УСВОИ РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА Акциски план и уставни измени од Скопје
Фото: Принтскрин

Народното собрание на Бугарија денеска едногласно ја усвои новата резолуција поврзана со европската интеграција на Република Македонија. Документот, поднесен од пратеникот Тошко Јорданов од партијата Има Таков Народ (ИТН) и група собраниски колеги, доби поддршка од сите 194 присутни пратеници.

Резолуцијата ја реафирмира целосната посветеност на Бугарија кон европскиот консензус постигнат во јули 2022 година, повикувајќи ги властите во Скопје строго да ги почитуваат веќе договорените обврски. Според текстот, се отфрлаат какви било обиди за преговарање, игнорирање или заобиколување на елементите од постигнатите договори, како во билатералната соработка, така и во рамките на институциите на Европската Унија.

Во документот се нагласува дека европскиот консензус не е билатерално прашање, туку договор помеѓу ЕУ и земјата-кандидат, базиран врз Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022, преговарачката рамка и заедничките протоколи за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година.

Бугарското Собрание ги повика европските институции да вложат напори во заштитата на правата на Бугарите во Македонија и другите заедници, особено во контекст на културното наследство, јазикот, идентитетот и историската меморија. Во резолуцијата се бара инклузивен пристап при решавање на прашањата за националниот идентитет во мултиетничкото македонско општество.

Исто така, се повикуваат меѓународните организации да го следат почитувањето на човековите права, посочувајќи дека треба да реагираат на случаи на дискриминација, говор на омраза или институционален притисок врз Бугарите или други заедници во земјата.

Резолуцијата предвидува и очекување дека Скопје ќе развие Акциски план за заштита на правата на малцинствата, кој ќе ја придружува патоказната рамка за владеење на правото. Планот треба да содржи конкретни, мерливи и ефикасни мерки и ќе биде предмет на континуирано следење од страна на Европската комисија во текот на пристапниот процес.

Народното собрание изрази „силна и непоколеблива поддршка“ за Бугарите во Македонија и побара недискриминаторски третман кон нив. Според одлуката, Советот на министри треба да ја достави резолуцијата до Европскиот парламент, Европската комисија, Советот на ЕУ и Советот на Европа.

Во образложението за резолуцијата се посочува дека усвојувањето доаѓа во пресрет на подготовките на Европскиот парламент за нови резолуции за напредокот на земјите-кандидати. Како особено значаен момент е посочено вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав на рамноправна основа со другите народи.

„Ова ќе обезбеди правна еднаквост за Бугарите во мултиетничкото општество на Северна Македонија. Но, уставните измени се само дел од обврските што произлегуваат од европскиот компромис од 2022 година“, стои во резолуцијата.

Дополнително, бугарските пратеници изразија загриженост за судските процеси против лица кои го изразуваат својот бугарски идентитет, вклучително и случајот со Љубчо Георгиевски. Се повикува судството да остане независно и да се води исклучиво од принципите на правото.

Резолуцијата се оценува како јасна порака од Бугарија до европските партнери и институциите во Македонија дека исполнувањето на преземените обврски останува клучен предуслов за напредок во ЕУ-интеграциите.

CATEGORIES
TAGS
Share This