БУГАРИЈА ЖЕСТОКО КОН МАКЕДОНИЈА – Без уставни измени стоп за ЕУ
Софија тврди дека Скопје се обидува да го заобиколи договореното со Европската Унија и да отвори нови преговори.

Вршителката на должноста министерка за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, обвини дека актуелната влада во Република Северна Македонија се обидува да го заобиколи европскиот консензус и повторно да отвори прашања кои веќе се договорени.
Таа истакна дека ваквите потези, според неа, се насочени кон домашната јавност и претставуваат губење време за граѓаните, наместо фокус на спроведување на преземените обврски.
„Тврдењата дека Бугарија ги зголемува своите барања не се точни. Тоа е познато за сите добронамерни набљудувачи. Нашата цел е да ги заштитиме луѓето со бугарски идентитет и да обезбедиме нормални односи со соседната држава – политички, економски и културни“, изјави Нејнски во интервју за бугарската национална телевизија.
Таа додаде дека позицијата на Бугарија е конструктивна и дека прашањето веќе не е билатерално, туку дел од европската рамка.
Според неа, процесот на пристапување кон Европската Унија подразбира почитување на заедничкиот европски консензус, кој вклучува прекин на говорот на омраза и вклучување на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија.
Нејнски нагласи дека последните инциденти насочени кон бугарските граѓани во земјата дополнително ја потенцираат важноста од овие прашања, особено потребата од уставни измени и подобрување на меѓуетничките односи.
