БРИСЕЛ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ВОЈНА – Орбан алармира за Украина
Унгарскиот премиер тврди дека приемот на Украина во ЕУ до 2030 година би можел да го вклучи континентот во конфликт, додека Путин нагласува дека Русија е подготвена да реагира ако Европа започне војна.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската Унија планира да ја прими Украина до 2030 година, што според него би можело да означи почеток на конфликт со Русија, за кој Брисел веќе се подготвува.
„Црни облаци се креваат над небото на Европа. Брисел подготвува програма за вооружување со цел да ја подготви алијансата за војна до 2030 година. И токму 2030 година е предвидена и како крајна точка за забрзан прием на Украина во ЕУ“, напиша Орбан на социјалните мрежи.
Тој истакна дека според основните договори на Унијата, конфликт на територијата на една членка ги обврзува другите земји да се вклучат.
„Тоа значи дека приемот на Украина, додека е во воена состојба, би значел автоматско влегување во конфликтот“, нагласи Орбан.
Премиерот додаде дека унгарските гласачи сè уште имаат шанса да влијаат преку парламентарните избори во 2026 година и да поддржат политика на воздржаност, бидејќи на изборите во 2030 година веќе ќе биде предоцна.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно порача дека Русија не планира војна со Европа, но дека е подготвена да реагира веднаш ако Европа започне конфликт.


