БРАЧЕН КОНФЛИКТ ЗАВРШИ СО ПОЖАРИ Со бензин и оган зетот на Зоки Фаци ги нападнал куќата и станот на сопругата
Осомничениот, зет на познатиот Зоки Фаци, според обвинителството, со бензин ги полеал и запалил влезните врати од викенд-куќа во село Катланово и стан во Скопје - објекти во сопственост на неговата сопруга, со која бил во бракоразводна постапка.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против едно лице под сомнение за сторено кривично дело – „Предизвикување општа опасност“ по член 288 став 1 од Кривичниот законик, откако на 2 мај во утринските часови подметнал два пожари.
Осомничениот, зет на познатиот Зоки Фаци, според обвинителството, со бензин ги полеал и запалил влезните врати од викенд-куќа во село Катланово и стан во Скопје, објекти во сопственост на неговата сопруга, со која бил во бракоразводна постапка. Според информациите, ден пред инцидентот тој се заканувал на телефон на оштетената и нивниот син.
Пожарот во викенд-куќата се проширил и во внатрешноста, а потоа осомничениот заминал кон Скопје каде, на сличен начин, предизвикал пожар пред влезната врата на станот. Откако ги извршил делата, ја информирал сопругата за нападот, по што таа алармирала соседи кои успеале да го изгаснат пожарот и спречат негово ширење во зградата.
Обвинителството оценува дека делото било извршено со висока пресметаност и свесност за последиците, поради што до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен предлог за определување мерка притвор, со цел да се спречи можноста за бегство и повторување на делото.


