БОЖИНОВСКА ПОРАЧУВА – Жените клучен фактор во енергетската транзиција

Министерството за енергетика се посветува на создавање континуирана патека за девојките – од образование до кариера во STEM.

БОЖИНОВСКА ПОРАЧУВА – Жените клучен фактор во енергетската транзиција
Фото: Национал

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска нагласи дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат видлива и еднаква улога. Изјавата беше дадена на настан во рамки на проектот ELeVATE (2025-2028), кој ги охрабрува и поддржува девојките и жените да градат кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена економија.

Божиновска истакна дека жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени, и тоа не поради недостиг од знаење или амбиција, туку поради неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Според неа, индикаторите за родова еднаквост покажуваат дека со сегашното темпо, целосна родова еднаквост би била постигната дури за околу 57 години.

„Организациите со повеќе жени на лидерски позиции во енергетиката имаат 20% повисоки перформанси и иновации, а тимовите со родова разноликост се попрофитабилни, покреативни и поотпорни, истакна Божиновска.

Министерката посочи дека интересот на девојките за наука и технологија постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостаток на поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, потребна е континуирана патека од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.

Таа исто така ги наведе стратешките приоритети на државата за 2026-2030, кои вклучуваат забрзан развој на обновливи извори, енергетска ефикасност и дигитализација на електроенергетската инфраструктура. Според Божиновска, новите технологии ќе создадат побарувачка за експерти за обновливи извори, паметни згради и мрежи, дигитални инженери и менаџери за енергетска ефикасност, при што е клучно повеќе жени да бидат дел од оваа економија.

Министерството активно поддржува девојки и жени во STEM и енергетските сектори преку практични обуки, менторски програми и партнерства со компании. Проектот ELeVATE, кој ги поврзува образованието, компаниите, јавниот сектор и локалните власти, се смета за пример на модел што ги надминува бариерите и создава реални можности за жените во зелените технологии.

„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна и ако ги вклучи жените, обезбеди еднакви можности и ги поврзе образованието, бизнисот и институциите, заклучи министерката.

CATEGORIES
Share This