БОЖИНОВСКА И КфВ БАНКАТА – Најава на нови енергетски инвестиции
Средба на министерката Божиновска со КфВ за унапредување на обновливата енергија и енергетската транзиција.

На денешната работна средба, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, разговараше со новата раководителка на одделот за енергетика во германската развојна банка КфВ за Европа и Кавказ, Бабет Штајн вон Камиенски, за тековните енергетски проекти и продлабочување на соработката во областа на одржливата енергија.
Од Кабинетот на Божиновска информираат дека на средбата се дискутираше за неколку клучни проекти поддржани од КфВ, меѓу кои втората фаза од ветерниот парк Богданци и енергетските проекти во Битола. Тие инвестиции ќе ја зајакнат енергетската независност на земјата.
Министерката нагласи дека германската банка КфВ е еден од најважните партнери на Северна Македонија, преку којашто се реализираат проекти во интерес на граѓаните.
Претставниците на КфВ потврдија дека се посветени на зацврстување на соработката во енергетската транзиција, со цел забрзување на преминот кон обновливи извори на енергија. Тие истакнаа дека ќе ја поддржуваат Владата во создавање на сигурен, модерен и европски усогласен електроенергетски систем.
„Модернизацијата на енергетската инфраструктура и регионалното поврзување ќе ја зајакнат позицијата на Северна Македонија во регионален и светски контекст. Соработката со КфВ за нас е од исклучително значење“, изјави Божиновска.
На крајот, соговорниците заклучија дека соработката ќе продолжи, особено во делот на инвестиции во обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност на национално ниво.


