БОЖИЌ КАКО СЕМЕЕН ПРАЗНИК И ТРАДИЦИИ – Цркви кои се водат според јулијанскиот календар
Славење според јулијанскиот календар: Бадник и Божиќ

За христијанските верници, Божиќ е еден од трите најголеми празници, кога според верувањето се родил Синот Божји, Исус Христос.
Христијаните кои се водат според јулијанскиот календар Божиќ го слават на 7 јануари, а ден претходно празнуваат Бадник. На Бадник, во домовите се пали бадниково дрвце, кое симболизира светлина и топлина, и има за цел да ги зближи членовите на семејството.
Погачата во која се става паричка се дели на онолку делови колку што има членови во семејството. Паричката, од злато или сребро, ја симболизира наградата на новородениот Христос, а се верува дека оној кој ќе ја најде ќе има среќа.
Според јулијанскиот календар се раководат Ерусалимската патријаршија, Македонската православна црква, српската, руската и грузиската црква, како и манастирите на Света Гора.
Библијата го опишува Исус како Син Божји, роден од девицата Марија преку безгрешно зачнување со Светиот Дух, во градот Витлеем. Поради тоа што Новиот завет не го наведува точното време на раѓањето на Исус, првите христијани не го празнувале Божиќ, туку само Велигден.
Според историски извори, Божиќ започнал да се слави во Рим во 354 година, на денот кога порано се славело раѓањето на римското божество на сонцето. Денес, Божиќ е семеен празник кој се одбележува дома и во црквите, претходен со четириесетдневен пост. На овој ден, луѓето се поздравуваат со зборовите: „Христос се роди“ – „Навистина се роди“.


