БОЛНИЦАТА „КОЗЛЕ“ БЕЗ ВОДА Децата привремено прераспределени на други клиники

Поради проблем со водоснабдувањето, Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ привремено ги прераспределува пациентите на Клиниката за детски болести и Инфективната клиника, информира Министерството за здравство.
Од вчера болницата е целосно без вода, а претходно неколку дена имала слаб притисок. Причината не е дефект, туку географската положба – болницата се наоѓа во висока зона на населбата Водно, која исто така се соочува со недостаток на вода.
Директорката Катерина Бошкова изјави дека установата моментално функционира со техничка вода доставена преку цистерни од ЈП „Водовод и канализација“.
Јавното претпријатие продолжува да апелира за рационално користење на водата, но засега не е понудено трајно решение за проблемот.
CATEGORIES Македонија


