БЛОКАДА НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ И ЗИМСКИ УСЛОВИ НА ПАТИШТАТА Актуелна состојба во сообраќајот

Сообраќајот низ државата денеска се одвива во отежнати, зимски услови, а дополнителни проблеми предизвикуваат и најавените блокади на неколку гранични премини кон Грција.
Според најновите информации, денеска, 8 јануари 2026 година, Граничен премин Богородица, односно Евзони, ќе биде целосно затворен за сообраќај за сите видови возила. Затворањето ќе започне во 17:00 часот, поради протестни активности од грчка страна.
Поради протест на грчките земјоделци, од денеска во 10:00 часот е воведена забрана за движење на тешки товарни возила на Граничен премин Ники (Меџитлија). Забраната ќе важи во наредните 48 часа, односно до 10 јануари во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила се одвива без ограничувања.
Поради врнежи од снег, од раните утрински часови е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – Ќафасан.
На патот Тетово – Попова Шапка, од 09:25 часот е забрането движење на автобуси, додека за патничките возила е задолжително користење зимска опрема, односно синџири.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози и во зимски услови. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но засега не претставуваат сериозна пречка за сообраќајот.
Поради обилните дождови и честата појава на одрони, внимателно возење се препорачува на патиштата Делчево – Македонска Каменица – Истибања и Делчево – Пехчево.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри поради одрон.
Дополнителна претпазливост се препорачува и на магистралниот пат Битола – Ресен, кај самиот влез во Ресен, поради можност од излевање на Голема Река, како и на регионалниот пат Царев Двор – Стење, каде постои ризик од излевање на локалните реки.
Од Автомото сојуз на Македонија потсетуваат дека задолжителната зимска опрема е на сила од 15 ноември 2025 година и ќе важи до 15 март 2026 година, без разлика на моменталните временски услови.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања. Надлежните служби апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците со зголемен ризик од одрони.


