(ВИДЕО) БЛИСКИОТ ИСТОК ПРЕД ЕКСПЛОЗИЈА – Иран денеска започна воени вежи во стратешкиот Ормуски теснец
Ормускиот теснец е стратешки воден пат низ кој минуваат околу 20% од светското производство на нафта.

Иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) започна воени вежби во Ормускиот теснец во понеделник, еден ден пред новата рунда нуклеарни разговори со САД во Женева. Вежбите дојдоа по зголемувањето на американското воено присуство во регионот.
Според иранската државна телевизија, маневрите, наречени „Паметна контрола на Ормускиот теснец“, беа дизајнирани за подготовка на единиците за „можни безбедносни и воени закани“. Ормускиот теснец е стратешки воден пат низ кој минуваат околу 20 проценти од светското производство на нафта. Времетраењето на вежбите не е прецизирано.
Вежбите ги надгледува командантот на ИРГК, генерал Мохамад Пакпур, а нивната цел е да се зајакне способноста на копнените сили на Гардата за брзо реагирање во кризни ситуации. Корпусот на Револуционерната гарда е идеолошко крило на иранските вооружени сили.
Иранските лидери постојано се закануваат дека би можеле да го блокираат Ормускиот теснец како одговор на западниот притисок, истакнувајќи ја стратешката важност на водниот пат за глобалниот енергетски пазар.
Вежбите се одржуваат додека Техеран и Вашингтон се подготвуваат за нови нуклеарни преговори во Женева, со посредство на Оман, кои ќе се одржат во вторник. Двете земји, кои се во конфликт веќе четири децении, ја продолжија дипломатската комуникација на 6 февруари по пауза од минатото лето, за време на конфронтациите меѓу Иран и Израел.
По испраќањето на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во јануари во Персискиот залив, САД најавија дека друг носач, „Џералд Р. Форд“, наскоро ќе се упати кон Блискиот Исток.
#WATCH Footage of Iran’s naval drills in the Strait of Hormuz pic.twitter.com/FXK4myPjXm
— Conflict Radar (@Conflict_Radar) February 16, 2026


