БЛАГА ПЕТРЕСКА ПО 40 ГОДИНИ ПОВТОРНО ВО ВАЛАНДОВО Тешко ми е што пеам за празни села и иселени внуци
На фестивалот победи дуетот Сузана Гавазова и Љубчо Георгиев, второто место им припадна на Благоја Грујовски и Василија Петрова, додека третата награда ја освои Смиља Митровска. Постхумно, награда за животно дело беше доделена на Гоце Арнаудов.

Со бурни аплаузи и видлива емпатија од публиката, фолк-легендата Блага Петреска настапи на 38-то издание на фестивалот „Фолк-Фест Валандово“, што се одржа синоќа во салата „Јанко Узунов“. И покрај емоционалниот настап, Петреска не доби награда, но нејзината песна „Кој да ми запее“ длабоко одекна кај присутните.
Песната, посветена на иселувањето на младите од Македонија, е лична и болна тема за Петреска. Таа откри дека за време на снимањето едвај се воздржала да не заплаче.
„Само што не се расплакав. Цело време се воздржував, но ме забележаа соработниците и ми рекоа: ‘Блага, ти не си нешто расположена’. Но се трудев да ја донесам песната со вистинска емоција“, рече таа.
Петреска на сцената на Валандово се врати по четири децении од нејзиниот прв настап, кога ја изведе песната „Раширило оро широко, по селските мегдани“. Денес, вели, пее за празни села и заминати поколенија.
„По 40 години пеам за празни села без мегдани, без младина, без деца. И многу сум тажна, иако мене ме знаат како весела жена“, изјави Петреска, додавајќи дека особено ѝ е тешко што и двете внучиња ѝ се иселени – едната во Германија, другата во Москва.
Музиката на песната „Кој да ми запее“ ја потпишува Ѓорѓи Барбаровски, текстот е на Миле Барбаровски, а аранжманот е на Никола Мицевски.
Фолк-пејачката исто така откри дека никогаш не славела ниту еден јубилеј – ниту професионален, ниту приватен.
„Мразам јубилеи. Кога полнев 70, мојата снаа Ана Кондратенко сакаше да ми организира прослава, но ѝ реков: ‘Ана, никако не! Без мој Павка, јас веќе не славам ништо’“, изјави Петреска, алудирајќи на својот починат сопруг.
И покрај долгогодишната кариера, вели дека сè уште нема добиено понуда за јубилеен концерт.
„Јас цел живот немам менаџер, сама се грижам за себе. Одев полека, но сигурно“, рече таа.
Инаку, нејзиниот син Олег е виолинист и професор, а снаата Ана Кондратенко е концертмајстор во оркестарот на Филхармонијата. Ќерката Оља има музичко образование, а внуката Летиција, која свири виолончело, наскоро ќе студира актерство во Москва.
На фестивалот победи дуетот Сузана Гавазова и Љубчо Георгиев, второто место им припадна на Благоја Грујовски и Василија Петрова, додека третата награда ја освои Смиља Митровска. Постхумно, награда за животно дело беше доделена на Гоце Арнаудов.


