„БИТОЛИНО“ ПОВТОРНО ВО БИТОЛА – Детскиот театар како мисија за промена на светот

„БИТОЛИНО“ ПОВТОРНО ВО БИТОЛА – Детскиот театар како мисија за промена на светот

Под мотото „Театарот го менува светот“, од 3 до 7 август, Битола повторно ќе стане центар на детската театарска уметност со 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Организиран од НУ Центар за култура – Битола, фестивалот ќе донесе десет претстави на две сцени, во натпреварувачка и придружна програма што ја збогатува културната понуда на градот.

Официјалната програма вклучува шест претстави од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Македонија кои ќе се натпреваруваат за Гран-при наградата. Во Битола доаѓаат и некои од најреномираните детски театри од регионот, меѓу кои се националните театри „Нодар Думбадзе“ (Грузија) и „Пиро Ќеци“ (Албанија), како и водечките независни продукции „Колибри“ (Унгарија) и „Мала сцена“ (Хрватска).

Посебен интерес буди настапот на бугарскиот куклен театар „Сенџу“, кој ќе ја прикаже специфичната јапонска техника на куклен театар по методот на Такеда. Првпат на „Битолино“ ќе настапи и скопскиот театар „Сенки и облаци“.

Во година во која Драмскиот аматерски фестивал во Кочани е оправдано одложен, „Битолино“ великодушно ја отстапува својата сцена на аматерските театри и младински школи. Театар „Чекори“ од Скопје и театарот при ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци ќе бидат дел од оваа програма.

Фестивалот ќе го отвори и затвори Театарската школа „Бабец“ со претставите „Зборови“ и „Аудиција“, со што ќе го одбележи и својот 15-годишен јубилеј. Претставата „Аудиција“ е поставена по текст на Александар Галин и е младинска постановка која носи свеж театарски дух на сцената.

Во рамки на придружната програма ќе се одржи и дводневна работилница за куклен театар „Светот на куклите“, под водство на режисерката и актерка Ефимиа Павлова од Бугарија, која воедно ќе биде и претседател на трочленото фестивалско жири. Членови се македонските актери со меѓународни кариери – Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.

Фестивалот „Битолино“ е поддржан како проект од национален интерес од Министерството за култура и туризам на Македонија, како и од Општина Битола. Генерален спонзор е Комерцијална банка АД Скопје.

Фестивалот и годинава потврдува дека театарот навистина може да го менува светот – особено кога е наменет за најмладите.

CATEGORIES
Share This