БИТОЛА СЕ СЕЌАВА – Одбележан денот на упокојувањето на Милтон Манаки
Иницијатива за пренесување на посмртните останки на Јанаки до гробот на Милтон

Денес го одбележуваме денот на упокојувањето на нашиот патрон, легендата на Битола, Милтон Манаки. Комуната на Власите и Кино клубот „Милтон Манаки“ и оваа година, традиционално, организираа чествување со полагање свежо цвеќе, како знак на почит кон неговото дело, истакна Стефан Хаџиандоновски, претседател на клубот „Студио Милтон Манаки“.
Во негова чест, на Влашките гробишта во Битола свежо цвеќе положија градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и други делегации, љубители на филмската уметност и кинематографското наследство на Манаки.
На одбележувањето беше истакнато: „Големото Манакиево дело вечно трае“. Градоначалникот Коњановски нагласи дека е чест и задоволство да се положи свежо цвеќе на великанот на кинематографијата, не само на Балканот, туку и во светски рамки. Тој исто така изрази благодарност до Комуната на Власите за континуираната грижа и неговање на ликот и делото на браќата Манаки, нагласувајќи дека приказната за нив претставува значајна позитивна историска епизода за Битола и пошироко.
Исто така, на чествувањето беше спомната иницијативата посмртните останки на неговиот брат Јанаки да бидат пренесени во Влашките гробишта, до гробот на Милтон, со цел да бидат заедно во вечниот починок.


