БИБЛИОТЕКА БОРКА ТАЛЕСКИ – Одбележани со свеченост 80 години светилник на културата

Директорката и градоначалникот порачаа дека библиотеката останува клучен културен столб

БИБЛИОТЕКА БОРКА ТАЛЕСКИ – Одбележани со свеченост 80 години светилник на културата
Фото: Национал

Со пригодна свеченост и изложба на изданија од сопствената продукција и ретки книги, денеска Градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп го одбележа значајниот јубилеј – 80 години од своето основање.

Директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, истакна дека институцијата со децении претставува чувар на пишаниот збор, знаењето и културната меморија.

„Низ изминатите осум децении библиотеката прерасна во вистински културен храм и место каде што генерации ги направија првите чекори кон читањето, образованието и духовниот раст. Таа не е само тивок простор исполнет со книги, туку живо средиште на идеи, дијалог и творештво. Денес се навраќаме на минатото, но со оптимизам и верба гледаме кон иднината, продолжувајќи со иста посветеност да бидеме светилник на културата во Прилеп“ – рече Ристеска.

Јубилејот го честиташе и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој нагласи дека библиотеката одамна ја надминала улогата на место за позајмување книги.

„Таа беше и останува простор за размислување, учење, инспирација и создавање нови идеи. Тука многу генерации прилепчани ги направија своите први чекори во светот на литературата, науката и уметноста. Библиотеката е чувар на културното наследство и место каде што се негува љубовта кон пишаниот збор. И во дигиталната ера, кога информациите се лесно достапни, нејзината улога станува уште поважна и како простор каде што знаењето и културните вредности се достапни за сите“ – истакна Проданоски.

По повод 80-годишнината, на институции и фирми им беа врачени благодарници за нивниот придонес во развојот и унапредувањето на библиотеката.

CATEGORIES
Share This