БЕЗБЕДЕН ГРАД ПРЕД УСТАВНИОТ СУД – Граѓани тврдат дека системот е неуставен и небезбеден
Граѓаните поднесоа претставка до Уставниот суд и кривична пријава против министерот Тошковски поради новиот систем за казнување.

Група граѓани поднесе претставка до Уставниот суд и кривична пријава до Јавното обвинителство против министерот Панче Тошковски, тврдејќи дека новиот систем за казнување преку СМС од проектот „Безбеден град“ е неуставен, технички небезбеден и дискриминирачки.
Подносителите посочуваат дека начинот на функционирање на системот преку испраќање линкови до PDF документи на мобилни телефони сериозно ја загрозува приватноста и правната сигурност на граѓаните.
Главниот аргумент во претставката се однесува на техничките предуслови за прием на казната. Системот бара секој возач да има „паметен телефон“, активна интернет конекција и знаење за ракување со апликации за отворање PDF документи.
„Законодавството не бара граѓанинот да поседува мобилен интернет или паметен уред,“ стои во правната аргументација.
Според подносителите, ова создава ситуација во која дел од граѓаните постари лица, социјално ранливи категории или оние со постари телефони не можат да ја примат казната, да ја видат причината за неа или да поднесат жалба навремено. Со тоа, се нарушува уставното право на правична постапка и правна заштита.
Дополнително, тие посочуваат дека СМС пораките не се валидно средство за службена достава според европската регулатива eIDAS, бидејќи не постои сигурен доказ за идентитет на испраќачот, а линковите можат да бидат средство за сајбер-криминал и кражба на лични и банкарски податоци.
Покрај претставката, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал против министерот Тошковски и други службени лица. Тие се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење и неовластено собирање лични податоци во спротивност со Законот за заштита на лични податоци и GDPR.
Исто така, подносителите реагираат на територијалната ограниченост на системот. Поставувањето на фиксни камери само во одредени градови, првенствено Скопје, ги става граѓаните во нееднаква положба: додека еден возач во Скопје автоматски се казнува, возач од друг град може да помине неказнето за истиот прекршок, што го нарушува принципот на еднаквост пред законот.


