БЕЗБЕДЕН ГРАД И ОЛЕСНЕТ АНГАЖМАН ЗА СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ – Новини во законите
Посебен акцент е ставен на сериозните прекршоци - возење под дејство на алкохол или дрога, возење во спротивна насока и пречекорување на брзината кои често преминуваат во кривично дело.

Измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за странци го поминаа првото читање во матичната комисија на Собранието.
Клучна новина во сообраќајниот закон е воведувањето на проектот „Безбеден град“, односно санкционирање на прекршоците документирани со безбедносни камери. Како што објасни министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, законот предвидува:
-
записник со прекршочен налог како единствен документ,
-
укинување на возачката книшка,
-
глоба од 500 евра за лице што ќе признае вина наместо вистинскиот сторител кога доказите недвосмислено го утврдуваат прекршокот,
-
можност за електронска достава на прекршочните решенија и присилна наплата на глобите.
Посебен акцент е ставен на сериозните прекршоци – возење под дејство на алкохол или дрога, возење во спротивна насока и пречекорување на брзината кои често преминуваат во кривично дело.
Во делот на Законот за странци, Тошковски нагласи дека измените се насочени кон олеснување на ангажманот на странски работници потребни за реализација на големи инфраструктурни проекти, со задржување на контролни механизми и елиминирање на административните бариери.
Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ја усвоија и предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Северна Македонија во меѓународната ЕУ-операција „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, во второ читање.

