БЕЗ ВИСТИНСКО УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ – Охрид останува под закана

УНЕСКО го одложи ставањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност, давајќи ѝ на Македонија уште една година рок, со краен рок за извештај до 1 февруари 2026 година.

БЕЗ ВИСТИНСКО УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ – Охрид останува под закана
Фото: Национал

Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека државата ќе го преземе уривањето на дивоградбите во Охридскиот Регион наиде на поддршка од локалната власт, но предизвика скепса кај еколошките организации. Додека општина Охрид, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, го поздравува државното вклучување поради ограничените средства и неуспешните тендери за уривање, екологистите стравуваат дека повторно ќе се „гребе само по површината“.

Премиерот најави ангажирање на фирма која ќе урива објекти со дозвола за реконструкција што прераснале во станбени единици, потенцирајќи дека ќе се откријат злоупотреби поврзани со претходната власт. Пецаков потврди дека тоа не се однесува само на Охрид, туку и на други општини во регионот, особено за случаи каде се додавани катови или еркери без соодветна правна основа.

Според локалните и меѓународните извештаи, објектите што најверојатно ќе се најдат на листата за уривање се:

  • Студенчишко Блато

  • Кејот на Охрид – нелегални објекти без дозволи

  • Националниот парк Галичица

  • Горица Север и хотелскиот комплекс на „Дивелоп Груп“

  • Ресторани и барови на платформите во езерото (Канео, Куба Либре, Радожда и др.)

  • ХОТЕЛ во Рамне со придружна вила

  • Ресторани во Свети Наум

Според еколошката организација „Фронт 21/42“, над 70 дивоградби се наоѓаат во рамки на Националниот парк Галичица, од кои повеќето се на државно земјиште. Организацијата смета дека додека овие објекти не се урнат и природата не се врати во првобитна состојба, нема вистинска посветеност кон заштитата на светското наследство.

Околу 20.000 барања за легализација се поднесени во Охридскиот Регион а од нив, 7.528 се одобрени додека 414 објекти се во крајбрежниот појас од 50 метри – со нерешен статус. Во 21 село нема урбанистички план, па сите објекти таму формално се водат како дивоградб.

Во последниот нацрт-документ, Комитетот за светско наследство при УНЕСКО поставува јасни барања: Итно стопирање на градби во околината на Студенчишко Блато и Горица, ревидирање на законот за прогласување на блатото за Парк на природата, суспензија на измените на ДУП-ови и Локални урбанистички планови, изработка на ГУП за Охрид и Струга и доставување на физибилити студии за Коридор 8 и автопатските траси.

УНЕСКО го одложи ставањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност, давајќи ѝ на Македонија уште една година рок, со краен рок за извештај до 1 февруари 2026 година.

CATEGORIES
TAGS
Share This