БЕЗ ПРОМЕНИ ВО РЕЗУЛТАТИТЕ – ДИК ги отфрли сите приговори за три општини
Со ова, ДИК ги заврши сите постапки по поднесените приговори за овие три општини и останува да ги почека евентуалните судски постапки пред објавување на конечните резултати.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница ги разгледа и едногласно ги одби сите 16 приговори поднесени за постапките на гласање и сумирање на резултатите од локалните избори во трите општини – Брвеница, Шуто Оризари и Карпош, оценувајќи ги како неосновани.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека ќе бидат подготвени поединечни одлуки за секој приговор и доставени до подносителите.
„Ќе ги почекаме законските рокови за евентуални тужби до Управниот суд во наредните 24 часа. Доколку бидат поднесени, Управниот суд е должен да постапи во рок од 48 часа од нивниот прием. Тоа значи дека најдоцна до крајот на викендот ќе ги имаме и одлуките на судот. Ако нема тужби, во моментот кога ќе истечат роковите и одлуките станат конечни, ДИК ќе закаже седница за објавување на конечните резултати за општините Брвеница, Шуто Оризари и Карпош“ појасни Кондарко.
Во Општина Шуто Оризари биле поднесени вкупно 13 приговори – десет од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и три од Сојузот на Роми. Сите беа одбиени како неосновани.
ДИК ги одби приговорите на коалицијата „Твоја Македонија“ за избирачките места ИМ 2956, 2971, 2971/1, 2973, 2959/1, 2955, 2956/1, 2959, 2961/1 и 2961. Исто така, беа одбиени и трите приговори на Сојузот на Роми за избирачките места ИМ 2966, 2962 и 2961, сите во Шуто Оризари.
Во Општина Карпош, ДИК ги одби двата приговори поднесени од „Искуство за успех“ за избирачките места ИМ 2631 и 2613.
Во случајот со Општина Брвеница, Комисијата го отфрли приговорот поднесен од кандидатот за градоначалник Хаќим Рамадани, кој се однесувал на пет избирачки места. Членот на ДИК, Ангелчо Ристов, објасни дека приговорот е недозволен бидејќи е поднесен од кандидат за градоначалник, а не од подносителот на кандидатската листа, како што предвидува законот.
Со ова, ДИК ги заврши сите постапки по поднесените приговори за овие три општини и останува да ги почека евентуалните судски постапки пред објавување на конечните резултати.

