БЕЗ ПРЕДИЗБОРНИ КОАЛИЦИИ И СО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА – Време е за фер избори и крај за крлеж-партиите

Партијата повикува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да го слушнат гласот на јавноста и да овозможат еднаква вредност на секој глас.

БЕЗ ПРЕДИЗБОРНИ КОАЛИЦИИ И СО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА – Време е за фер избори и крај за крлеж-партиите
Фото: Единствена Македонија

Единствена Македонија, во пресрет на утрешната т.н. лидерска средба, упатува повик до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – без оглед на тоа дали ќе учествуваат на средбата- да го слушнат гласот на експертската, политичката, невладината и севкупната јавност во државата за воведување една изборна единица, како што е пракса во сите европски земји.

Од партијата сметаат дека е неопходно и законски да се забрани т.н. предизборно коалицирање, со цел да се спречи појавата на таканаречени „крлеж-партии“, кои пред секои избори преминуваат од една во друга политичка опција исклучиво поради лични интереси. Наместо тоа, Единствена Македонија предлага воведување постизборно коалицирање, откако ќе се видат резултатите од самостојниот настап на секој политички субјект на изборите.

Потсетуваат дека во Собранието веќе постои подготвен законски текст за измени и дополнувања на Изборниот законик, поднесен од Единствена Македонија уште на 22 јули 2010 година, со кој се предлага територијата на државата да биде една изборна единица. Тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, информирал дека, согласно член 133 став 2 од Деловникот, предлогот бил доставен до сите пратеници, но и покрај тоа, до денес останал заглавен во собраниските фиоки.

Единствена Македонија изразува уверување во демократскиот капацитет и одговорното лидерство на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во интерес на демократијата и очекува конечно да им излезат во пресрет на граѓаните со воведување една изборна единица. Со тоа, како што велат, ќе се обезбеди секој глас да има еднаква вредност и најоптимално совпаѓање меѓу процентот на освоени гласови и бројот на добиени пратенички мандати.

CATEGORIES
TAGS
Share This