БЕЗ НАПРЕДОК ПО РАЗГОВОРИТЕ ВО МОСКВА: Русија и САД остануваат на спротивни страни околу Украина
„Се одржа прилично корисен и конструктивен разговор“, изјави советникот на Путин, Јуриј Ушаков по состанокот.

По состанокот во Москва меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претставник Виткоф, советникот на Путин, Јуриј Ушаков, изјави дека разговорот бил „корисен и конструктивен“, и дека двете страни ги сигнализирале своите ставови за конфликтот во Украина.
Кремљ објави видео од почетокот на средбата на кое се гледа ракување меѓу Путин и Виткоф. Сепак, разговорите не донесоа конкретен напредок во обидите за прекин на огнот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно се закани со нови санкции доколку Москва не се согласи на прекин на огнот до петок. Санкциите би можеле да ги засегнат и главните сојузници на Русија – Кина и Индија. Американската страна одби да ги коментира деталите од разговорот.
Русија, од своја страна, остана непоколеблива. Кремљ ги оцени „заканите“ со дополнителни царини како нелегални, без директно да ја спомне американската администрација. Преговорите за прекин на огнот засега не покажуваат резултати.
Во меѓувреме, Русија ги засили воените активности, особено со напади со беспилотни летала и ракети. Во јули беа извршени рекордни напади од ваков тип од почетокот на војната во февруари 2022 година, што ѝ овозможи на Москва тактичка предност на фронтот.


