Без име, без знаме – денот кога Македонија влезе, но изгуби

Наместо славење, молк, дали приемот во ООН бил историски успех или стратешка грешка.

Без име, без знаме – денот кога Македонија влезе, но изгуби
Фото: Национал

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Четврток, 9 април 2026 година

Конечно паднаа маските. На срамниот прием на Македонија во ООН без име и без знаме никој повеќе не сака да се навраќа?!

Потврдата за ова дојде вчера, на 8 април, кога на годишнината од приемот во ООН дојде до целосен молк за овој настан од власта, опозицијата, улиците останаа во молк – нема сенародна веселба. Медиумите останаа пусти.

Велат дека извонредните настани во историјата на еден народ редовно се поздравувани со манифестации на радост. Меѓутоа, во Македонија нема чествување на 8 април, денот, кој, од тогашниот претседател Киро Глигоров беше означен за историски.

Да потсетам, на 8 април 1993 година при најавата за прием на Македонија со акламација, претседателот Глигоров во пленарната сала на Обединетите нации, со солзи во очите изјави: „Ова е историски ден за мојата земја„. Но, малку подоцна шефот на државата мораше тивко да го напушти седиштето на ООН, без да присуствува на традиционалната церемонија кога се крева знамето на новата држава членка. И тоа од оправдани причини. Церемонијата не се одржа.

Краткиот вовед е во функција на прашањето, дали приемот во ООН со име различно од државното име избрано од народот, бил неопходен и по секоја цена.

Според мене, приемот под „ПЈРМ„ е крупна историска грешка со последици до денешно време.

Од друга страна, домашните актери кои беа инволвирани во приемот ја форсираат тезата дека доколку Македонија не влезеше во ООН по секоја цена ќе дојдеше до нејзина поделба меѓу соседите. Оваа гледиште го засноваат на фамозниот кафе-муабет помеѓу Милошевиќ и Мицотакис во Атина. Се разбира, допуштам на една таква средба да имало романтичарски зборови за Македонија, бидејќи на секој народ, вклучително и на грчкиот и српскот, понекогаш им треба романтика, но, битно е дали имало реална основа за изведување на една српско-грчка  агресија врз Македонија.

Накратко за оваа врвна манипулација.

Имено, немаше основа во тоа време да се верува во воен атакт и поделба на земјата од страна на соседите. Дури, соседите тргнувајќи од сопствените интереси повеќе ја посакуваа самостојноста на Македонија отколу да ја видат на страната на спротивниот ривал (кај некој од соседите). Немаше реална закана од воен напад од Бугарија, Албанија или од Грција која како членка на НАТО би војувала со РМ во услови кога САД, како водечка сила во НАТО, јасно застанаа зад опстанокот на РМ, или, пак, од Србија, која преку ЈНА само блефираше со можна воена ескалација и во РМ.

ЈНА всушност никогаш и немаше концепт да отвора ново воено жариште и во Македонија и тоа не како резултат на некакви алтруистички причини, туку заради немањето доволен капацитет за отворање на трет фронт и во РМ, како и реалниот интерес на Србија спрема БиХ отколку за Македонија.

Впрочем, тоа може да се види и од повлекувањето на ЈНА, која, според договорот требаше да си замине од РМ на 15 април 1992, а си замина порано во март поради најавата дека ЕЗ ќе ја признае БиХ (што и се случи во Луксембург на 6 април 1992) и потребата делот од ЈНА, од Третата армиска област (Косово и Македонија) да се лоцира во БиХ за да ја започне тамошната војна. Бидејќи, по повлекувањето од Македонија, ЈНА ја започна војната во БиХ по нејзиното признавање од ЕЗ, тогаш јасно е дека ЈНА немала моќ да отвора нов фронт и во РМ.

Затоа, прашањето зошто немаше војна во РМ, треба да се гледа од аспект на стратешките интереси на ЈНА (Србија) за војување на другите жаришта на југословенски простори.  

Глигоров на 30 март 1993, во неговото обраќање до нацијата, наброја најмалку три причини за тоа дека приемот во ООН ќе ја направи Македонија сигурна, безбедна, и економски посилна.

Прво, се велеше дека се решава безбедноста на РМ преку системот на колективната безбедност и затоа не било толку битно со какво име ќе биде приемот, туку единствено релевантен е самиот прием во ООН. Но, се пропушта од вид дека номиналниот прием во ООН тешко дека ја гарантира безбедноста на една држава, а понекогаш дури и ја разгорува војната. Примерот на БиХ и Хрватска од тоа време беше мошне поучен, но, по се изгледа, недоволно проучен. Тие беа номинално признати држави и примени во ООН, но, на нивните територии избувнаа жестоки војни. Или случајот со Сојузна Република Југославија која во периодот од 1992 до 2000 година, функционира како држава со полн капацитет во меѓународните односи иако не е членка на ООН. Подоцна, на 1 декември 2000 година СРЈ стана членка на ООН, но, се распадна како држава токму како членка на ООН. А од аспект на македонската војна во 2001 година, е јасно дека треба да се направат многу други работи освен номиналниот прием во ООН. Всушност, една држава својот базичен интерес многу повеќе може да го оствари преку врските со некоја моќна земја, отколку преку номиналното членство во ООН.

Инаку, со оглед на неделивоста на меѓународниот мир и безбедност, Повелбата на ООН не прави суштинска разлика меѓу земји-членки и не-членки на ООН, и оттука, РМ во тоа време дефакто е дел од колективната безбедност и призната држава, бидејќи склучувавме аранжмани, стапувавме во директни преговори, заклучувавме економски зделки, имавме признавање од повеќе држави, на своја територија од декември 1992 веќе ги имавме Мисијата на ОЕБС и силите на УНПРОФОР во чии редови се присутни и американски војници како гарант за стабилноста и територијалниот интегритет.

Второ, приемот во ООН не доведе ниту до економски развој, бидејќи Македонија остана закована на европското дно, а ја имаше и криминалната приватизација. Со таквата приватизација се изврши економска диверзија врз Републиката и економско злосторство врз сопствениот народ, бидејќи речиси целото општествено богатство, создавано педесетина години од сите  работни луѓе во социјализмот, им беше поклонето на десетина лица.

Трето, се велеше дека РМ како членка на ООН станува рамноправна во светските настани. Тука само ќе кажам дека принципот на рамноправност во ООН е фикција. Доколку во салите или во фоајеата на ООН зборувате дека државите се рамноправни, луѓето почнуваат да се смеат. Одвреме навреме, на малите држави им се дава сатисфакција со формален и спектакуларен карактер, како еден неодамнешен пример, пишување извештај за штетите од тропската мува.

Како и да е, не се остварија причините поради кои инсистиравме по секоја цена во членство во ООН, бидејќи, Македонија не стана ни посигурна, ни побезбедна, а ниту пак економски посилна.

Затоа, требало да се инсистира на уставното име и чекање подобра прилика, отколку номинален прием под „ПЈРМ„ без уставотворна основа. Патем, секоја друга солуција, како на пример, етапен прием со воспоставување најпрвин на набљудувачки статус под уставното име, (стаусот набљудувач базира на практиката во ООН, бидејќи не постојат правила за него во Повелбата) и стрпливо да се работи на добивањето на членство во ООН, или пак, барањето за прием да останеше закочено до денешно време, се чинат за поадекватни во обидот да се сочува уставното име, бидејќи, сведоци сме дека штом еднаш РМ се согласи на промена на уставното име при приемот во ООН, макар и во привремената форма „ПЈРМ„, ваквата промена предизвикува политички контроверзи и ги отежнува напорите за воспоставувањето на државното име.

Нo, ако е за утеха, постојат механизми за враќање на уставното име на РМ во ООН. Во секое зло, добро. Анализата на општото меѓународно право и правото на ООН, појаснува дека правно-технички, остварувањето на правото на РМ за враќање на уставното име во Организацијата е можно со преземањето на потребните активности преку четири главни органи на ООН (детално се обработени во мојата книга „Македонија и Грција – Битка за името (Правните механизми во Обединетите нации за враќање/употреба на името – Република Македонија) .

Но, во меѓувреме како дојде до склучување на Договорот со Грција за промена на името и оттука сега е потребно да се анулира оваа пречка. Добрата работа е што т.н преспански договор е ништовен според меѓународнотот право по три основи – а) судир на Договорот со императивната норма на општото меѓународно право – ius cogens,  б) принуда извршена со закана врз Република Македонија за склучување на Договорот и в) повреда на внатрешното право на Република Македонија околу надлежноста за склучување договори. Според тоа најпрвин е потребно поништување на оваа спогодба за што детално ги образложувам причините и постапката во мојата книга „Меѓународно правните основи и постапката за поништување на Договорот меѓу Македонија и Грција“. Значи, потребна е само иницијатива!

CATEGORIES
TAGS
Share This