БЕЗ ДОГОВОР ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА – Синдикатите најавуваат протести

На седницата на Економско-социјалниот совет не беше постигнат договор за вонредно зголемување на минималната плата на 600 евра

БЕЗ ДОГОВОР ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА – Синдикатите најавуваат протести
Фото: Поднаслови

Работодавачите, синдикатите и Владата не постигнаа договор за вонредно зголемување на минималната плата на 600 евра на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Наместо тоа, беше договорено разговорите да продолжат, иако според изјавите на учесниците, малку е веројатно дека договор ќе се постигне до редовното законско усогласување во март идната година.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) порача дека ваквиот однос кон работниците е неприфатлив и најави можност за протести, доколку не се постигне напредок. Од синдикатот нагласија дека интензитетот на реакцијата ќе зависи од поддршката што ќе ја добијат од работниците.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема ништо против зголемување на минималната плата, но дека тоа треба да биде резултат на договор меѓу синдикатите и работодавачите.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, по седницата истакна дека конкретен договор не е постигнат и дека единствено е усогласено преговорите да продолжат.

„Се договоривме дека ќе се договараме. Во моментов нема конкретен договор, туку разговори за можни модели за утврдување на минималната плата“ – рече Бошков.

Додава дека според податоците на Државниот завод за статистика и Централниот регистер, профитабилноста на македонските компании се движи меѓу два и пет проценти, што го прави енормното зголемување тешко изводливо.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, беше поконкретен, посочувајќи дека во моментов нема економска оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред март 2026 година. Според него, инфлацијата во ноември изнесувала 0,5 проценти, а на годишно ниво околу 4 проценти, што укажува на стабилизирање на цените.

Тој потсети дека минималната плата се утврдува според законска формула – 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот, со гаранција дека не може да биде пониска од 57 проценти од просечната нето-плата.

Од друга страна, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изрази разочарување од текот на седницата, оценувајќи дека нејзиниот фокус не бил насочен кон животниот стандард на работниците.

„Од другите синдикати имаше молк за зголемување на платите, а дел од нив дури и ја бранеа Владата од аргументите на ССМ“, рече Трендафилов, додавајќи дека ССМ останал осамен во борбата за повисоки плати.

Тој истакна дека аргументите на синдикатот, меѓу кои и податоците за ниските плати во Македонија во споредба со регионот, не биле прифатени. Според него, од 1 јануари минималната плата во Албанија ќе изнесува 500 евра, во Србија 550 евра, додека Македонија ќе остане на дното во регионот.

„Ако не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне јазикот на работниците на друго место“, порача Трендафилов, најавувајќи можни синдикални активности.

Во моментов, минималната плата во Македонија, почнувајќи од исплатата за март 2025 година, изнесува 36.037 денари бруто, односно 24.379 денари нето.

CATEGORIES
TAGS
Share This