БЕРЛИН ОД ЗБОРОВИ НА ДЕЛА Германски генерал повикува на напади врз Русија за поддршка на Украина
Кремљ постојано нагласува дека Русија не претставува закана, но оти ќе реагира на секоја постапка што ја смета за ризик по нејзините национални интереси.

Генерал-мајорот на Бундесверот Кристијан Фројдинг, началник на специјалниот штаб за Украина при германското Министерство за одбрана, изјави дека треба сериозно да се разгледа опцијата за напади врз руски аеродроми и воена инфраструктура со цел поддршка на Украина.
Во гостување на официјалниот YouTube канал на германската армија, Фројдинг нагласи дека една од можностите за ограничување на офанзивниот капацитет на руските вооружени сили е спроведување офанзивни противвоздушни операции со средства со долг дострел.
„Првата можност е самата Украина да спроведува воздушни напади со долг дострел, насочени кон аеродроми, со цел да се онеспособат руските борбени системи пред да бидат употребени“, изјави генералот.
Тој исто така истакна дека цели на вакви напади би можеле да бидат и фабриките од руската воена индустрија. Иако Москва, според Фројдинг, направила значителен напредок во производството на ракети, тој повика на пронаоѓање начини за забавување или попречување на тој развој.
„Мора да се преиспита дали економските мерки што досега беа преземени се доволни и да се лоцираат нови механизми за намалување на руското воено производство, особено во областа на ракетната технологија“, додаде тој.
Фројдинг, кој ја координира германската воена помош за Украина, претходно најави дека првите украински ракети со долг дострел, развиени со германско финансирање, ќе бидат испорачани до крајот на јули.
Русија со години предупредува на, како што вели, зголемената и заканувачка активност на НАТО долж нејзините западни граници. Алијансата пак тврди дека нејзините активности се одбранбени и служат за одвраќање од руската агресија.
Кремљ постојано нагласува дека Русија не претставува закана, но оти ќе реагира на секоја постапка што ја смета за ризик по нејзините национални интереси.


