БЕНЗЕМА ПРЕМИНУВА ВО РИВАЛОТ – Саудиска трансфер-бомба
По две и пол години во Ал Итихад, Бензема заминува пред истекот на договорот поради несогласувања околу условите.

Легендарниот напаѓач Карим Бензема, по две и пол години, наскоро ќе го напушти Ал Итихад и ќе ја продолжи кариерата во лигашкиот ривал Ал Хилал.
Французинот пристигна во Саудиска Арабија летото 2023 година, но неговиот престој во Ал Итихад завршува пред истекот на договорот, поради неуспешни преговори за продолжување на соработката, пишува Yahoo Sports. Италијанскиот инсајдер Николо Скира исто така го потврди трансферот.
Договорот на Бензема со Ал Итихад требаше да трае до крајот на сезонава, а во последните недели се воделе разговори за негово продолжување. Меѓутоа, преговорите не успеале, бидејќи искусниот напаѓач не бил задоволен од понудените услови.
Според Diario AS, одлуката за негово заминување е донесена и за да се заштеди на исплатата на преостанатите месеци од договорот. Се очекува Бензема наскоро да се приклучи на новиот клуб.
Новиот предизвик на Бензема ќе биде Ал Хилал, уште еден гигант од Саудиската професионална лига. Клубот бара напаѓач поради планираната позајмица на Маркос Леонард во Атлетико Мадрид, а токму Бензема е избран да го пополни неговото место.

