БАЛКАНОТ Е ПОДГОТВЕН ЗА ЕВРОПА Време е Европа да биде подготвена за Балканот
Таа предупреди дека, наместо европеизација на Балканот, се случува балканизација на Европската Унија - тренд што, како што нагласи, мора итно да се прекине, за доброто на сите страни.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Самитот на шефови на држави и влади во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржа во Тирана. Во своето обраќање, таа истакна дека интеграцијата на регионот претставува итен геополитички и безбедносен императив за Европската Унија, особено во време на драматични глобални промени, опаѓање на мултилатерализмот и сè поизразена мултиполарност, со активна војна на европско тло.
Сиљановска-Давкова подвлече дека земјите од регионот треба да бидат двигатели на процесот на проширување, а не фактори на блокади кои го поткопуваат кредибилитетот на Унијата.
Претседателката укажа на потребата за засилена регионална соработка и насочување кон суштинските предизвици – од одливот на млади и квалификувани кадри, до справување со климатските промени. Таа предупреди дека без проактивна поддршка, регионот ризикува да остане маргинализиран како геополитичка и геоекономска периферија.
Во таа насока, нагласи дека потребна е подобрена инфраструктурна, енергетска и дигитална поврзаност за да се зголеми конкурентноста на регионот на европскиот и глобалниот пазар.
Сиљановска-Давкова упати и благодарност за регионалната солидарност покажана по трагичниот пожар во Кочани, посебно за отворањето на здравствените установи за повредените македонски граѓани и за активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита. Тоа, како што рече, претставува израз на искрено пријателство, соседска грижа и хуманост во едно од најтешките времиња за државата.
Во продолжение, таа подвлече дека патот кон европската иднина води преку соработка и солидарност, но предупреди дека истиот пат е оптоварен со пречки. Како една од најсериозните ја наведе перцепцијата на некои европски центри кои сè уште го гледаат Балканот како нестабилна зона обележана со конфликти, самоблокади и меѓусебни саботажи.
Уште поголема закана, според неа, претставува билатерализацијата на процесот на интеграција – преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам од страна на балканските соседи. Овие постапки не само што го успоруваат европскиот пат на регионот, туку и ги зацврстуваат предрасудите дека Балканот не е подготвен за Европа.
Заклучувајќи, Сиљановска-Давкова рече дека кандидатите за членство сè почесто се соочуваат со опструкции наместо со фер и солидарен процес. Таа предупреди дека, наместо европеизација на Балканот, се случува балканизација на Европската Унија – тренд што, како што нагласи, мора итно да се прекине, за доброто на сите страни.


