БАЕРН СО ЗЛАТНА ПРЕДНОСТ ПРЕД РЕВАНШОТ – Арсенал со гол во 91’ ги замолкна трибините
Баварците го шокираа „Бернабеу“ со два брзи гола на Кејн и Дијаз, Арсенал има минимална, но значајна предност пред реваншот во Лондон.

Баерн Минхен направи голем чекор кон полуфинале откако славеше со 1-2 на гостувањето кај Реал Мадрид во првиот четвртфинален дуел од Лига на шампиони на УЕФА на „Сантијаго Бернабеу“.
Натпреварот донесе високо темпо, бројни шанси и драматични моменти, но гостите ги зададоа клучните удари на самиот финиш од првото и на стартот од второто полувреме.
Уште од почетокот се играше отворено. Мајкл Олисе се закани од слободен удар, а потоа Дајот Упамекано пропушти одлична шанса од непосредна близина. На спротивната страна, Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и соиграчите возвратија, но и двајцата голмани беа сигурни и Андриј Лунин и Мануел Нојер блескаа со важни интервенции.
Првиот удар за Баерн го зададе Луис Дијаз во 41. минута, крунисувајќи одлична акција со Серж Гнабри и Хари Кејн за водство од 0-1.
Само што започна второто полувреме, Хари Кејн со прецизен удар од далечина по асистенција на Олисе зголеми на 0-2 и го шокираше „Бернабеу“.
Домашните се обидоа да се вратат во игра и Мбапе и Винисиус имаа неколку шанси, а еднаш беше промашен и празен гол. Сепак, намалување на водството на Баерн стигна во 74. минута кога Килијан Мбапе погоди по асистенција од Трент Александер-Арнолд за 1-2.
До крајот Реал притискаше, но Баерн одолеа и ќе го пречека реваншот со предност од еден гол.
Во вториот натпревар, Арсенал со многу мака дојде до минимална победа од 0-1 на гостувањето кај Спортинг Лисабон.
Првото полувреме мина мирно, со малку вистински шанси. Најблиску до гол беше Нони Мадуеке, кој ја погоди пречката по корнер, додека Леандро Тросард имаше солидна прилика.
Во вториот дел, Мартин Зубименди ја затресе мрежата, но голот беше поништен поради офсајд, а темпото остана бавно.
Кога се чинеше дека мечот ќе заврши без голови, следуваше драматичен пресврт и Каи Хаверц во 91. минута го искористи киксот во одбраната и донесе голема победа за Арсенал.
„Топчиите“ сега ќе го дочекаат реваншот во Лондон со минимална, но значајна предност.
