БАЧЕВ СО ЧЕСТИТКА ЗА БОЖИЌ – Божјата љубов и националната должност, обврска за секој Македонец
Македонската Црква и народот - темел на државноста и духовната обнова

Во името на „Единствена Македонија“ и во свое лично име, упатувам честитки до членовите на Синодот на Македонската православна Црква, до преподобното свештенство и монаштво, како и до сите православни верници, по повод големиот христијански празник – Раѓањето Христово, Божиќ. Ви посакувам добро здравје, лична среќа, мир и спокој.
Преку Христос, Божјата љубов кон човештвото победи над гневот, а тоа нè потсетува дека секој човек е благословен со оваа љубов. Како наследници на таа жртва, наша должност е да ја чуваме светата македонска земја од оние кои немаат почит, човекољубие и разбирање за македонскиот народ и држава.
Со оваа увереност, да го обновиме нашето татковинско наследство – Република Македонија како национална држава на македонскиот народ, со гарантирана положба на малцинствата, почитување на традиционалните и духовните вредности, и со помирување кое ќе ја потврди нашата посветеност кон заедничката иднина.
Македонската православна Црква останува темел на државноста, вековен чувар на македонскиот народ и столб на нашето опстојување. Македонските свештеници имаат силна национална и духовна должност да ја проповедаат нашата света обврска – да го одбраниме библискиот македонски народ и светата македонска земја.


