АВИОНОТ НА ПУТИН НИЗ БЕРИНГОВИОТ ТЕСНЕЦ – Маневар на Путин за да не биде уапсен по потерницата на МКС
Трамп ја опиша средбата како „состанок за проценка“ на подготвеноста на Русија за мир. Разговорите ќе вклучуваат и сесија „еден на еден“ меѓу двајцата лидери.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе патува кон Алјаска преку Беринговиот теснец, со што ќе се избегне преминување на меѓународни води и ќе се влезе директно во американскиот воздушен простор од руска територија.
Во петок, во Анкориџ ќе се одржи средбата меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп – прва посета на Путин на САД по десет години, како и прва лична средба со Трамп откако тој ја презеде функцијата на 20 јануари.
Според американските медиуми, Трамп ќе тргне од Вашингтон во четврток навечер и ќе пристигне во Алјаска во петок наутро. За разлика од патувањето на американскиот лидер, кое е рутинска процедура, патот на Путин е внимателно планиран поради потерницата од Меѓународниот кривичен суд.
На денот на пристигнувањето, Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) ќе го затвори дел од воздушниот простор над Алјаска за да обезбеди безбедно слетување на рускиот претседател.
Белата куќа го најавува самитот како можен пробив во мировниот процес, иако Киев и европските партнери се воздржани, бидејќи Украина не учествува директно во разговорите. Трамп ја опиша средбата како „состанок за проценка“ на подготвеноста на Русија за мир. Разговорите ќе вклучуваат и сесија „еден на еден“ меѓу двајцата лидери.


