АТЕНТАТОРОТ УАПСЕН ВО ДУБАИ – Путин им се заблагодари на властите во Емиратите

Корба пукал во генералот најмалку три пати со пригушувач и побегнал од Москва

АТЕНТАТОРОТ УАПСЕН ВО ДУБАИ – Путин им се заблагодари на властите во Емиратите
Фото: Принтскрин

Љубомир Корба, осомничен за нападот врз генерал-потполковникот Владимир Алексеев, е уапсен во Дубаи со помош на властите на Обединетите Арапски Емирати, објави руската државна новинска агенција РИА.

Корба, руски државјанин, е осомничен дека лично го извршил нападот во Москва пред два дена.

Нападот се случи на 29 декември во станбена зграда во Москва. Корба наводно пукал во Алексеев најмалку три пати со пиштол со пригушувач, по што го напуштил местото на настанот. Генералот веднаш бил пренесен во болница, а напаѓачот побегнал од Русија неколку часа по инцидентот.

ФСБ објави снимки од надзорни камери кои прикажуваат како Корба се движел од зградата до аеродромот. По екстрадицијата од ОАЕ, тој бил префрлен во затвор во Москва.

Според руските безбедносни служби, Корба е роден во Украина, во Тернополската област, и наводно извршил нападот во Русија во име на Украина.

Во нападот, според ФСБ, учествувале и неговиот помошник, Русинот Виктор Васин, кој е уапсен во Москва, и Украинката Зинаида Серебричка, која успеала да избега во Украина. Моментално се трага по организаторите на нападот, обвинети за обид за убиство, напад врз воено лице и нелегално поседување оружје.

Портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитриј Песков, соопшти дека претседателот редовно добива извештаи за ситуацијата.

Исто така, Песков соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин разговарал по телефон со претседателот на ОАЕ, Мухамед бин Зајед ал-Нахјан.

„Синоќа, претседателот Путин разговараше по телефон со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мухамед ал-Нахјан. Претседателот Путин му се заблагодари на својот емиратски колега за ефикасната соработка преку разузнавачките агенции и помошта на емиратската страна во апсењето на осомничениот за терористичкиот напад врз генералот (Владимир) Алексеев“, рече Песков.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This