АСТОНАУТИТЕ ОД АРТЕМИС 2 ЈА ВООДУШЕВИЈА ПЛАНЕТАТА – Земјо, изгледаш прекрасно, веќе можеме да ја видиме Месечината

Четворица астронаути го споделија првиот поглед кон Земјата од длабока вселена.

АСТОНАУТИТЕ ОД АРТЕМИС 2 ЈА ВООДУШЕВИЈА ПЛАНЕТАТА – Земјо, изгледаш прекрасно, веќе можеме да ја видиме Месечината
Фото: Социјални мрежи

Четворицата астронаути од мисијата „Артемис 2“ ги испратија првите фотографии на Земјата од длабоката вселена, во историски лет кон Месечината. Астронаутот на НАСА, Виктор Гловер, гледајќи ја планетата од капсулата „Орион“, порача:

„Изгледаш неверојатно. Изгледаш прекрасно.“

Гловер, заедно со своите колеги Кристина Кох, Рид Вајзман и канадскиот астронаут Џереми Хансен, се првите луѓе што патуваат кон Месечината по повеќе од половина век.

Мисијата започна во средата, кога капсулата „Орион“ беше лансирана со ракетата „Space Launch System“ од космодромот Кејп Канаверал, во Флорида. Околу 24 часа подоцна, екипажот успешно ја напушти Земјината орбита преку специјален маневар, а уште еден ден подоцна веќе ја помина половина од патеката кон Месечината.

Во текот на патувањето, астронаутите изведуваат бројни научни експерименти и тренинг-активности, додека истовремено го тестираат функционирањето на системите во леталото.

Мисијата „Артемис 2“ се надоврзува на успешниот тест-лет без екипаж „Артемис 1“ од 2022 година. Планирано е астронаутите да поминат околу 10 дена во вселената, да ја обиколат Месечината и потоа безбедно да се вратат на Земјата, со слетување во океанот.

За Гловер, Кох и Вајзман ова е втор лет во вселената, додека за Хансен ова е прво вакво искуство. Според НАСА, на третиот ден од мисијата екипажот веќе се наоѓа поблиску до Месечината отколку до Земјата.

„Можеме да ја видиме Месечината токму сега. Прекрасна глетка е“, изјави еден од астронаутите.

До денеска во 11 часот, леталото „Орион“ има поминато повеќе од 245.000 километри.

Првата фотографија, направена од командантот Рид Вајзман, прикажува закривен дел од Земјата, додека втората ја открива целата планета со океани и вртложни облаци.

„Убаво е да се помисли дека, освен четворицата астронаути, сите ние сме на оваа слика“, изјави Лакиша Хокинс од НАСА, додавајќи дека мисијата засега се одвива според планот.

Постои можност „Артемис 2“ да го надмине рекордот за најголема оддалеченост од Земјата поставен од мисијата „Аполо 13“ во 1970 година.

Во првите денови од летот, екипажот тестираше камери, навигациски системи и системи за одржување на живот, при што беа решени и неколку помали технички проблеми, како дефект на тоалетот и потешкотии со комуникацијата преку е-пошта.

За документирање на мисијата, астронаутите користат GoPro камери, iPhone уреди и професионални „Никон“ фотоапарати.

Мисијата се очекува да трае вкупно 10 дена, по што капсулата ќе се врати на Земјата.

CATEGORIES
TAGS
Share This