АРСОВСКА ПОДНЕСЕ ДОКАЗИ ДО ОЈО Ганиу легализира згради со фалсификати
Останува да се види дали и како надлежните институции ќе реагираат на најновите обвинувања и дали ќе бидат отворени конкретни истраги.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска достави документи до Основното јавно обвинителство во врска со, како што рече, незаконска легализација на дивоградби во скопската општина Чаир. Таа изјави дека не очекува Обвинителството да постапи, бидејќи, според неа, „сè е веќе избришано“, но најави дека до понеделник ќе достави 150 документи за кои верува дека не можат да бидат уништени во толку краток рок.
Арсовска рече дека утрово од медиумите дознала дека Обвинителството побарало документација од Град Скопје и нагласи дека сите наводи веќе биле јавно објавени преку повеќе од 15 соопштенија. Таа посочи дека документите кои ги поседува Град Скопје, добиени од Катастарот за недвижности, покажуваат дека се впишани имотни листови спротивно на закон, без знаење и согласност од градските власти.
„Веднаш по утврдување на неправилностите, ја известивме јавноста. Веќе трета година по ред алармираме за истото – имаме писмени информации доставени до Општина Чаир, која пак не реагира. Наместо да се пристапи кон уривање на дивоградбите, се прават обиди за нивна легализација со фалсификувани документи“, изјави Арсовска.
Таа директно го обвини градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека лично поднел фалсификувани документи до Катастарот, тврдејќи дека е платен надоместок за објекти, што, според неа, не е точно.
Арсовска рече дека на 27 мај, откако алармирале за нов случај на незаконска легализација, Ганиу само еден час подоцна изготвил и поднел решение за поништување на сопствената одлука за да се избрише случајот од Катастарот, со цел да се прикрие трагата.
Од друга страна, Ганиу на неодамнешна прес-конференција изјави дека дивоградби има низ цело Скопје, не само во Чаир, и дека ако има нешто незаконско во неговото работење, институциите треба да постапат. Тој ја обвини Арсовска дека работи во интерес на политичката партија ДУИ.
Арсовска, пак, во живи преноси на Фејсбук веќе неколку недели објавува фотографии од спорни градби во Чаир и тврди дека добива закани по живот. Таа реагираше и на наводите од МВР дека нема официјални пријави:
„Што ако ме убијат, а следниот ден не одам да пријавам – тоа значи дека нема да постапуваат?“
Таа го осуди и однесувањето на Финансиската полиција, која според неа, врши притисок врз функционери од Градот. Конкретно, посочи дека раководителката на Секторот за уредување и планирање, Ивана Бајкова-Шаља, била повикана да даде исказ за предмет од пред неколку години, откако јавно зборувала за небезбедноста на дивоградбите. Арсовска додаде дека лично отишла во Финансиската полиција и побарала заедно со заменик-директорот Илбер Имери од „Вреди“ да отидат и кај Висар Ганиу за да постапат по наводите за криминал.
„Ганиу, криминалчуго, со фалсификат документи легализираш згради во Чаир. Те чекам на главна каса“, изјави Арсовска, користејќи остар речник во нејзината јавна кампања против актуелниот градоначалник на Чаир.
Останува да се види дали и како надлежните институции ќе реагираат на најновите обвинувања и дали ќе бидат отворени конкретни истраги.


