АРСОВСКА БАРА ИТНА ИНТЕРВЕНЦИЈА Дивоградбите во Чаир излегуваат од контрола, се гради пред прозорци на станари

Арсовска директно го обвини градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ја дозволил изградбата, додавајќи дека целосната ситуација претставува загрозување на безбедноста и правата на граѓаните кои живеат во околината.

АРСОВСКА БАРА ИТНА ИНТЕРВЕНЦИЈА Дивоградбите во Чаир излегуваат од контрола, се гради пред прозорци на станари

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, остро реагираше на повторените инциденти поврзани со нелегална градба во општина Чаир, обвинувајќи ја Владата и Министерството за внатрешни работи за неделување и избегнување на одговорност. Таа ги повика институциите „да не филозофираат многу, туку да се фатат за работа“.

„Во Чаир продолжуваат нелегалните и криминални активности на ‘принцезата на дивоградбите’ и неговиот ментор, со обиди да се прикријат трагите од криминалот направен со узурпација на државно земјиште и градба спротивна на закон“, изјави Арсовска во објава на социјалните мрежи.

Според информациите од Град Скопје, на терен биле затекнати работници кои наводно биле ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба. Тие, според изјавите, биле платени во кеш и упатени на лице место да ја прикријат дупката што ја оштетила инфраструктурата на булеварот, вклучувајќи водоводни, канализациски и електрични инсталации.

Градските служби велат дека веќе се преземени сите расположливи мерки, изречени се соодветни казни, а случајот е пријавен кај надлежните институции. Побарано е од општина Чаир и Државниот градежен инспекторат итно да пристапат кон уривање на дивоградбите и санирање на направената штета.

„Министерството за внатрешни работи мора, врз основа на досегашните докази, да ги идентификува сторителите и да поднесе кривични пријави“, изјави Арсовска.

Минатата недела, градоначалничката лично присуствуваше на терен за време на инспекција на спорниот објект, за кој тврди дека се гради без проект и без одобрение. Според неа, станува збор за илјадници квадратни метри бесправна градба на државно земјиште, на само еден метар оддалеченост од постоечка станбена зграда.

Арсовска директно го обвини градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ја дозволил изградбата, додавајќи дека целосната ситуација претставува загрозување на безбедноста и правата на граѓаните кои живеат во околината.

„Очекуваме институциите конечно да постапат согласно закон и да го запрат урбаното дивеење што го гледаме во центарот на градот“, истакна Арсовска.

CATEGORIES
Share This