АРМИЈАТА СЕ ЗАЈАКНУВА СО 300 НОВИ ВОЈНИЦИ – Огласот наскоро
По обезбедување на согласност од финансиските власти, огласот за прием ќе биде објавен во пролетниот рок од страна на Министерството за одбрана.

Министерството за одбрана во наредниот период ќе објави конкурс за прием на 300 нови професионални војници во Армијата, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Во телевизиско гостување, Мисајловски информираше дека објавувањето на огласот се очекува по добивањето на потребната документација од Министерството за финансии, со цел процесот на прием да започне уште во пролетниот рок.
„Штом ќе пристигнат сите потребни документи од Министерството за финансии, ќе ги објавиме конкурсите. Очекувам тоа да биде во претстојниот пролетен рок, за да се овозможи поголем број заинтересирани граѓани да конкурираат и да станат дел од Армијата“, изјави Мисајловски.
Тој нагласи дека интересот кај младите постои, а офицерскиот кадар и специјалните единици се на високо ниво на подготвеност и обученост. Според министерот, зголемувањето на буџетот за одбрана ќе овозможи и понатамошно подобрување на статусот и примањата на припадниците на Армијата.
„Од јануари минатата година сите вработени во Министерството за одбрана добија зголемување на платите од 30 проценти. Со секое идно зголемување на буџетот ќе се грижиме и кадарот да биде подобро платен, и тоа можам да го ветам“, рече Мисајловски.
Министерот најави и дека наскоро се очекува решение за задржување на војниците кои ќе наполнат 45 години, со цел тие и понатаму да придонесуваат во Армијата.
„Постојат конкретни иницијативи за тоа како да се задржат сите војници по навршување на 45 години. Очекувам набрзо да има решение со кое ќе бидат задоволени сите страни и ќе се овозможи нивниот понатамошен ангажман во Армијата“, додаде Мисајловски.


