APPLE PAY ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА – Безбедно и брзо плаќање со iPhone и Apple Watch од оваа есен

Македонија наскоро ќе стане дел од глобалната мрежа на дигитални плаќања преку Apple Pay, откако според локални извори и најави на социјалните мрежи, услугата се очекува да биде достапна оваа есен. Ова значи дека корисниците на iPhone и Apple Watch конечно ќе можат да вршат бесконтактни плаќања со својот уред – на каси, во мобилни апликации и преку интернет.
Интеграцијата на Apple Pay во македонскиот финансиски систем се случува во време кога безконтактните трансакции земаат сè поголем замав. Според податоците на Народната банка, повеќе од 60% од плаќањата на ПОС-терминали во 2024 година биле реализирани бесконтактно, а се очекува овој процент дополнително да порасне со доаѓањето на Apple Pay.
Неколку македонски банки веќе работат на техничка интеграција со Apple, во координација со Visa и Mastercard, со цел да обезбедат комплетна безбедност и функционалност. Процесот вклучува тестирање на системот, усогласување со строгите стандарди на Apple, и подготовка на инфраструктурата за масовно користење.
Apple Pay користи NFC технологија за брзо и сигурно плаќање, а за автентикација се користат Face ID, Touch ID или лозинка. Она што го издвојува Apple Pay од традиционалните методи е што не се пренесуваат реални податоци од картичката до трговецот – што го прави системот речиси невозможен за злоупотреба.
Со лансирањето на оваа услуга, Македонија прави голем чекор кон дигиталната трансформација на банкарскиот сектор и се приклучува на растечката европска мрежа каде мобилното и бесконтактното плаќање стануваат секојдневие.


