АПЕЛАЦИЈА ГИ ЗГОЛЕМИ КАЗНИТЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО ЛАСКАРЦИ: Вкупно 53 години затвор за шестмина осудени

Скопскиот Апелационен суд донесе одлука со која делумно ја прифати жалбата на Обвинителството за трагедијата во Ласкарци, зголемувајќи ги казните за дел од обвинетите во случајот што потресе цела Македонија. Судот донесе правосилна пресуда по повеќе од пет и пол години судење, потврдувајќи ја или зголемувајќи ја казнената одговорност за шестмина обвинети.

АПЕЛАЦИЈА ГИ ЗГОЛЕМИ КАЗНИТЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО ЛАСКАРЦИ: Вкупно 53 години затвор за шестмина осудени

08 мај 2025 | Скопје — Најдрастично е зголемена казната за Дурмиш Белули, сопственикот на автобускиот превозник „Дурмо Турс“. Тој првично доби 4 години затвор, но Апелација сега му изрече 10 години. Иста казна доби и Ремзи Мифтари, одговорен за транспортот во фирмата, кој претходно беше осуден на 6 години.

Возачот на автобусот, Маноил Трифуноски, доби потврда на првостепената казна од 14 години затвор. Во казната ќе му биде пресметан и времето поминато во домашен притвор.

На вработените во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, казните им се зголемени од 5 на 7 години затвор. Третиот нивни колега, Јане Бовароски, останува на првичната казна од 5 години.

Вкупната затворска казна за сите шест осудени лица изнесува 53 години. Роднините на 16-те загинати и над 30-те повредени се упатени на остварување на отштетни побарувања преку граѓанска постапка.

Трагедијата се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо Турс“ кој сообраќаше на релацијата Скопје – Гостивар, излета од автопатот Скопје – Тетово кај с. Ласкарци, ја проби спротивната лента и се преврте во долот покрај патот. Несреќата беше една од најтешките во поновата историја на земјата.

Судењето започна во втората половина на 2019 година и помина низ повеќе одложувања и продолжувања. Со конечната одлука на Апелациониот суд, се очекува дел од осудените да побараат ревизија пред Врховниот суд, имајќи предвид зголемувањето на затворските казни.

Трагедијата во Ласкарци често се споменуваше во контекст на институционалната одговорност за низа несреќи во земјата, заедно со пожарот во Кочани и поплавите во Стајковци, што беше повод за повеќе обиди за формирање анкетни комисии во Собранието.

CATEGORIES
TAGS
Share This