ЈАНЕВСКА НАЈАВИ НОВИ МЕРКИ ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА СТУДЕНТИТЕ Одливот на студенти да се мери според запишаните, а не според конкурсните квоти
о врска со претстојната академска година, министерката информираше дека конкурсот за запишување студенти е во подготовка во соработка со Секторот за високо образование.

Одливот на студенти од државата не треба да се пресметува според бројот на слободни места наведени во конкурсите, туку според реалниот број на запишани студенти. Ова го изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања за актуелните трендови со намалување на бројот на студенти и нивното заминување во странство.
„Кога студентите заминуваат на размена, тие не остануваат таму. Тие ја напуштаат земјата по завршувањето на студиите, а тоа се обидуваме да го спречиме со стипендии и подобрување на условите“, рече Јаневска.
Таа нагласи дека моментално се врши анализа за утврдување на квотите за запишување на јавните универзитети, при што одливот на студенти, според неа, често се прикажува повисок отколку што е во реалноста.
„Факултетите распишуваат места според акредитираните бројки, а не според бројот на реално запишани студенти. Ако, на пример, има 20.000 слободни места, а се запишат 10.000 студенти, тогаш одливот треба да се мери во однос на тие 10.000, а не на 20.000“, објасни министерката, додавајќи дека досегашниот начин на пресметка ќе биде променет.
Јаневска истакна дека за задржување на студентите се подготвува нов закон за високо образование, кој предвидува современи студиски програми, зголемена практична настава во јавни институции и компании, како и други мерки за подобрување на квалитетот на високото образование.
„Правиме сè што можеме. За десет месеци ова е реалноста, но се надевам дека следната година ќе биде значително подобра. Целта ни е да го сведеме одливот на млади и талентирани кадри на минимум“, додаде Јаневска.
Во врска со претстојната академска година, министерката информираше дека конкурсот за запишување студенти е во подготовка во соработка со Секторот за високо образование.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, посочи дека конкурсот за запишување на нови студенти за академската 2025/2026 година е веќе усвоен од Ректорската управа и доставен до Министерството за образование и наука.
„Очекуваме во јуни веќе да го објавиме конкурсот за следната академска година“, изјави Ангелова.


