АНАЛИТИЧАРИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Вештачката интелигенција може да стане следниот голем пазарен балон
И покрај популарноста на алатки како ChatGPT, експертите повикуваат на претпазливост – реалните економски резултати допрва треба да ја оправдаат еуфоријата.

Сѐ погласни се предупредувањата дека индустријата за вештачка интелигенција (ВИ) се движи кон потенцијален финансиски балон сличен на дот-ком кризата од крајот на 1990-тите. Главниот економист на Apollo Global Management, Торстен Слок, вели дека моменталната преценетост на најголемите технолошки компании е дури поголема отколку пред падот на интернет-компаниите.
Според него, 10-те најголеми компании во индексот S&P 500 – меѓу кои се „Нвидиа“, „Мајкрософт“, „Епл“, „Амазон“, „Мета“ и „Гугл“ – имаат огромни цена-заработка коефициенти, што е класичен показател на финансиски меур.
Иако технолошките гиганти вложуваат милијарди во ВИ-инфраструктура, приходите не го следат ентузијазмот. Според S&P Global, пазарот на генеративна ВИ може да достигне 85 милијарди долари до 2029, но само „Мета“ оваа година планира капитални трошоци од над 60 милијарди.
Критичарите предупредуваат дека очекувањата се далеку над реалноста, а првите пукнатини се веќе видливи. Пример за тоа е веста за конкурентен четбот од кинеската компанија „DeepSeek“, по која пазарната вредност на ВИ-компаниите падна за над 1 билион долари.


