АМЕРИКАНСКИ АМБАСАДОР – Израел има право да го освои Блискиот Исток

Повеќе муслимански и арапски земји го осудија говорот како „опасен и провокативен“.

АМЕРИКАНСКИ АМБАСАДОР – Израел има право да го освои Блискиот Исток
Фото: Принтскрин

Неколку арапски и муслимански земји денеска изразија силно негодување поради изјавите на американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, кој сугерираше дека Израел има право на голем дел од Блискиот Исток. Од Соединетите Американски Држави соопштија дека неговите зборови се извадени од контекст и дека не претставуваат промена во американската политика.

Во заедничка изјава, Египет, Саудиска Арабија, Јордан, Бахреин, Обединети Арапски Емирати, Катар, Индонезија, Пакистан, Турција, Сирија, Кувајт, Либан, Оман, како и палестинските територии и неколку арапски организации, оценија дека изјавите на Хакаби се „опасни и провокативни“ и дека сериозно ја загрозуваат регионалната стабилност.

„Овие коментари директно се косат со визијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се темели на деескалација и создавање политички хоризонт за сеопфатно решение, вклучително и формирање независна палестинска држава“, се наведува во соопштението, пренесува Асошиетед прес.

Контроверзните изјави Хакаби ги даде во интервју со конзервативниот коментатор Такер Карлсон, каде што потврдно одговори на прашањето дали Израел има право на териториите кои, според библиското толкување, му припаѓаат и простор што би опфатил делови од денешен Јордан, Сирија, Ирак и Либан.

Тој подоцна појасни дека Израел не настојува да ги преземе тие држави, туку бара да ја задржи територијата што моментално ја контролира и ја смета за неопходна за безбедноста на својот народ.

Во контекст на историските случувања, за време на Шестдневната војна во 1967 година Израел ги освои Западниот Брег и Источен Ерусалим, Појасот Газа, Синајскиот Полуостров и Голанската Висорамнина. Дел од тие територии подоцна беа вратени, но Западниот Брег и понатаму останува клучна точка на судир.

Во меѓувреме, тензиите во регионот дополнително растат, бидејќи Израел се подготвува за можен судир со Иран, кој предупреди дека ќе ги нападне и израелските и американските позиции доколку биде цел на американски напад.

CATEGORIES
Share This