АМЕРИКАНСКАТА ВАЛУТА ТОНЕ ТРЕТ ПАТ ПО РЕД Дали Трамп сака послаб долар со што го намалува државниот долг и трговскиот дефицит
Меѓутоа, има гледишта дека самиот Трамп гледа со симпатии на распродажбата на американската валута, бидејќи слабеењето на доларот како светска резервна валута е една од декларираните цели на неговата царинска политика. Логиката зад тоа е следна: послаба домашна валута го намалува огромниот државен долг, како и трговскиот дефицит на САД

На светските девизни пазари минатата недела вредноста на американскиот долар забележа значителен пад, трет пат по ред. Клучен фактор за овој пад е ескалацијата на трговската војна помеѓу САД и Кина. Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни валути, падна за 0,6 отсто минатата недела на 99,23 поени, што е ново најниско ниво во последните три години.
Изјавите на претседателот Доналд Трамп, кои вклучуваат наизменично најавување, одложување и зголемување на тарифите кон Кина, доведоа до повлекување на инвеститорите од американските државни обврзници и девизниот пазар.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела рече дека очекува трговски договор со Кина, но не даде детали.
Од друга страна, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Кина повеќе нема да обрнува внимание доколку САД продолжат да си играат со царинските бројки. Ова беше одговор на заканата на Вашингтон дека ќе ги зголеми реципрочните царини за увоз од Кина на вкупно 245 проценти поради неговите контрамерки.
Аналитичарите предупредуваат дека долгорочната недоследност во трговската и фискалната политика може дополнително да го поткопа глобалниот статус на доларот, отворајќи простор за засилена улога на еврото, јуанот и другите регионални валути.
Меѓутоа, има гледишта дека самиот Трамп гледа со симпатии на распродажбата на американската валута, бидејќи слабеењето на доларот како светска резервна валута е една од декларираните цели на неговата царинска политика. Логиката зад тоа е следна: послаба домашна валута го намалува огромниот државен долг, како и трговскиот дефицит на САД.
Инвеститорите продолжуваат внимателно да ги следат изјавите и потезите на американската администрација, додека девизните пазари остануваат чувствителни на секоја нова најава или промена во трговската политика.

