АМЕРИКАНЦИТЕ ИМАЛЕ ТЕХНИКА, МАКЕДОНИЈА ИМАЛА МОЗОЦИ – Патувале мозоците во САД за научни истражувања

Колекција од околу 1.000 примероци, вклучувајќи мозоци од лица кои извршиле самоубиство

АМЕРИКАНЦИТЕ ИМАЛЕ ТЕХНИКА, МАКЕДОНИЈА ИМАЛА МОЗОЦИ – Патувале мозоците во САД за научни истражувања
Фото: Принтскрин

Македонија е наведена како една од земјите што учествувале во меѓународно научно истражување, во рамки на кое била формирана банка со човечки мозоци за истражувачки цели, покажуваат документи и новинарски истражувања објавени во САД. Станува збор за колекција од околу 1.000 примероци, која вклучувала мозоци на лица што извршиле самоубиство, како и контролни примероци, користени за проучување на психијатриски и невропатолошки состојби.

Дел од примероците потекнувале и од Македонија, обезбедени преку научна соработка со професор на Универзитетот Колумбија со македонско потекло. Мозоците биле земани веднаш по смртта, криопрезервирани, транспортирани во САД и таму систематски архивирани за научна употреба.

На интернет-страницата на американската Национална библиотека за медицина е достапен труд од јули 2014 година, издаден од Македонската академија на науките и уметностите, Оддел за медицина. Автори се професорот Горазд Росоклија и професорите од Универзитетот Колумбија, Алексеј Дума и Ендру Џеј Дворк. Трудот, со наслов „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: општи лекции за научна соработка меѓу земји со различно богатство“, ја опишува соработката меѓу македонски и американски институции во психијатријата и невропатологијата.

Алексеј Дума, поранешен директор на Институтот за судска медицина, потврдува дека проектот се реализирал од 1990-тите до почетокот на 2000-тите и нагласува дека станувало збор за строго научна соработка, без финансиски интерес.

„Мозокот не може да се продаде, ниту да се трансплантира. Не постои црн пазар за такво нешто“, вели Дума.

Тој објаснува дека постоеле строги протоколи: по земањето, мозокот морал брзо да се доведе на минус 80 степени и да се транспортира во соодветна лабораторија. Не прецизира колку примероци биле од Македонија, но посочува дека бројката не изнесувала 1.000, бидејќи Универзитетот Колумбија собирал мозочни ткива од повеќе земји според строги критериуми.

Проектот бил финансиран од Националниот институт за здравје на САД, а за учество била добиена согласност од етичката комисија на Медицинскиот факултет во Скопје.

„Сè се одвиваше според правила, без профит и без вмешаност на трети страни“, додава Дума.

Тој не се сеќава дали во тоа време била потребна дозвола од семејствата за интервенцијата, или само согласност на Етичкиот комитет и писмо на информираност.

Професорот Горазд Росоклија делувал како посредник меѓу Институтот за судска медицина во Скопје и Универзитетот Колумбија, а во проектот учествувале и други лекари од Институтот. Главниот бенефит за Македонија бил образовен – млади лекари стекнале нови знаења и вештини.

Целта на соработката била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања. Македонија била избрана поради високата стапка на обдукции и стручниот кадар, додека американската страна имала напредна технологија, но не доволно примероци.

Инаку, Македонија се спомнува и во документи објавени од американското Министерство за правда, поврзани со починатиот милијардер Џефри Епстин. Во тие материјали се наоѓа електронска порака до инвеститорот Ајк Гроф, која го пренесува новинарското истражување на Bloomberg Businessweek, во кое се опишува оваа долгогодишна меѓународна соработка и создавањето на банка со човечки мозоци, во која учествувала и Македонија.

CATEGORIES
TAGS
Share This