АМЕРИКА НА ПРАГ НА ВОЈНА СО ИРАН – Трамп го одобрил нападот
Американските медиуми посочуваат дека потенцијална цел на нападот е подземната нуклеарна постројка во Фордоу, сместена на околу 80-90 метри под земја.

Американскиот претседател Доналд Трамп одобрил план за воена акција против Иран, пренесува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори од американската администрација. Иако планот е подготвен, конечната одлука за напад сè уште не е донесена – Трамп наводно го одложува потегот во надеж дека Техеран ќе се откаже од својата нуклеарна програма.
На прашање од новинарите дали САД ќе ги нападнат иранските нуклеарни постројки, Трамп одговори неодредено:
„Можеби ќе го направам тоа, можеби не. Никој не знае што ќе направам. Иран има многу проблеми и сака да преговара. Зошто не преговараше пред две недели? Ќе имавте земја…“, изјави Трамп.
САД располагаат со единствената бомба способна за уништување на таков објект – GBU-57/B, позната како „мега бункер-бустер“, тешка 13.600 килограми, која може да ја носи само стелт бомбардерот B-2. Според „Блумберг“, нападот би можел да се случи во наредните денови, можеби дури и за време на викендот.
„Високи функционери во неколку федерални агенции веќе се подготвуваат за можен напад“, изјави неименуван извор.
Во меѓувреме, Пентагон го зголеми военото присуство во регионот – трет американски разурнувач влезе во Источното Средоземје, а втор носач на авиони се движи кон Арапското Море. Воените авиони од базата Ал Удеид во Катар се преместени на побезбедни локации, а американската амбасада во Катар издаде предупредување до персоналот да ја зголеми претпазливоста поради зголемената регионална нестабилност.
Секретарот за одбрана Пит Хегсет порача дека американската армија е подготвена да ги изврши сите наредби од претседателот.
Иранските власти остро реагираа на извештаите за можно американско бомбардирање. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багеј, ја обвини Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за соучесништво во, како што ја нарече, „неправедната агресивна војна на Израел“. Тој истакна дека изјавата на директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, дека нема докази за иранска програма за нуклеарно оружје, доаѓа предоцна.
„Лажните наративи имаат страшни последици и бараат одговорност“, изјави Багеј.
Иран ги повтори своите предупредувања дека секој напад врз неговите територии ќе добие силен и соодветен одговор:
„Ако САД директно интервенираат во поддршка на Израел, Иран ќе ги искористи сите свои ресурси за да им одржи лекција на агресорите. Препорачуваме Вашингтон барем да се тргне настрана, ако не сака целосно да го запре израелскиот напад“, се наведува во соопштението на иранското раководство.
Либанската милитантна организација Хезболах остро реагираше на заканите кон иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Организацијата ги оцени заканите како „неодговорни и неразумни“, предупредувајќи дека тоа може да предизвика сериозни последици.
„Секоја закана кон неговиот живот е навреда за милиони верници и поддржувачи на отпорот. САД ќе платат висока цена ако продолжат да ја туркаат регијата во конфликт“, порача Хезболах, обвинувајќи го Вашингтон за соучесништво во израелските операции во Газа.
Во исто време, американскиот специјален пратеник за Сирија и амбасадорот во Турција, Том Барак, го повика Хезболах да се воздржи од вклучување во можниот вооружен судир меѓу Иран и Израел.


