АМЕРИКА НАСОЧИЛА 1.200 РАКЕТИ КОН ВЕНЕЦУЕЛА – Закана невидена последниве 100 години

Њујорк Тајмс пренесе дека претседателот Трамп тајно потпишал директива за употреба на воена сила против латиноамериканските нарко-картели.

АМЕРИКА НАСОЧИЛА 1.200 РАКЕТИ КОН ВЕНЕЦУЕЛА – Закана невидена последниве 100 години
Фото: Принтскрин

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро предупреди дека Соединетите Американски Држави испратиле осум воени бродови со 1.200 ракети и нуклеарна подморница кон брегот на Венецуела, што тој ја оцени како „најголемата закана за континентот во последните 100 години“.

„Ова е прекумерна, неоправдана и апсолутно криминална закана. Под максимален воен притисок, Венецуела прогласува целосна подготвеност за одбрана“, изјави Мадуро на прес-конференција.

Мадуро го обвини американскиот државен секретар Марко Рубио за обид да предизвика „крвопролевање во Латинска Америка“ и да го компромитира претседателот Доналд Трамп.

Тој најави дека стратегијата на Каракас ќе вклучува дипломатска, политичка, но и вооружена одбрана доколку дојде до напад.

Според претседателот, 8,2 милиони Венецуелци веќе изразиле подготвеност да се приклучат на народната армија и резервистите.

Агенцијата Ројтерс јави дека три разорувачи на американската морнарица се испратени во јужниот Кариб со задача за борба против нарко-картелите. Притоа, во регионот биле распоредени и нуклеарна подморница, крстосувач, десантни бродови и околу 4.500 војници.

Њујорк Тајмс пренесе дека претседателот Трамп тајно потпишал директива за употреба на воена сила против латиноамериканските нарко-картели. Вашингтон го обвинува Мадуро за врски со „Картел де лос Солес“ – обвинување кое Каракас го отфрла.

CATEGORIES
TAGS
Share This