АЛОНСО ЈА СПРЕМА МЕТЛАТА ВО РЕАЛ – Петмина фудбалери пред заминување

АЛОНСО ЈА СПРЕМА МЕТЛАТА ВО РЕАЛ – Петмина фудбалери пред заминување

Новиот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, закажал клучен состанок со петмина фудбалери за 4 август, каде што, според шпанските медиуми, ќе им соопшти дека немаат повеќе иднина во „кралскиот клуб“. Станува збор за Родриго, Ферланд Менди, Давид Алаба, Дани Себаљос и младиот Ендрик.

Како што пренесува весникот „АС“, Реал е отворен за продажба на Родриго, Менди и Алаба, додека ситуацијата со Себаљос и Ендрик ќе зависи од разговорот со Алонсо. Сепак, најголемиот товар за клубот во моментов е Давид Алаба, кој не е подготвен да го раскине договорот, а заработува импозантни 22,5 милиони евра годишно. Се смета дека токму тој е фудбалерот на кој Алонсо најмалку смета.

Од друга страна, најблиску до заминување е Бразилецот Родриго. За него постои сериозен интерес од неколку европски гиганти, а Арсенал е најконкретен во намерата да го ангажира.

Реал Мадрид ова лето се впушти во сериозна реконструкција на тимот. Одбраната беше зајакната со пристигнувањето на Дин Хујсен, Алваро Карерас и англискиот репрезентативец Трент Александар-Арнолд. Во нападот, конкуренцијата ја засили младиот Франко Мастантуоно, додека клубот го напуштија ветераните Лука Модриќ, Лукас Васкез и дефанзивецот Хесус Ваљехо.

Со оглед на навестените промени, јасно е дека Чаби Алонсо го крои тимот според својата визија, а новата ера на „Сантијаго Бернабеу“ веќе е започната.

CATEGORIES
Share This