АЛИ АХМЕТИ СО РЕАКЦИЈА – Мицкоски со коригирање на пописот сака да го избрише албанскиот идентитет

ДУИ потсетува дека Мицкоски уште во 2022 година јавно ги оспорил резултатите од пописот, кои покажаа дека Албанците сочинуваат 29,5% од населението.

АЛИ АХМЕТИ СО РЕАКЦИЈА – Мицкоски со коригирање на пописот сака да го избрише албанскиот идентитет
Фото: Принтскрин

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска остро реагираше на најавите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата за спроведување на електронски попис во 2026 година, оценувајќи го како дел од националистичка агенда насочена кон маргинализација на Албанците од институциите и општествениот систем.

ДУИ потсетува дека Мицкоски уште во 2022 година јавно ги оспорил резултатите од пописот, кои покажаа дека Албанците сочинуваат 29,5% од населението.

„Тогаш вети дека, штом ќе дојде на власт, ќе организира нов – електронски попис за да ги ‘коригира’ тие резултати. Тоа не беше техничка изјава, туку политичка порака, дел од неговата реторика за ‘поставување на Албанците на нивното место’“, се вели во реакцијата.

Партијата обвинува дека актуелната власт го реализира тој план преку институции кои, како што велат, се ставени под нејзина контрола.

„Уставниот суд, Јавното обвинителство и други клучни тела се ставени во функција на оваа агенда – укинување на Балансерот, рушење на механизмите за заштита од мајоризација, потиснување на албанскиот јазик, и систематско исклучување на Албанците од администрацијата, безбедносните структури и армијата“, посочуваат од ДУИ.

Партијата ја критикува и коалицијата Вреди, обвинувајќи ја дека со молкот и поддршката ја легитимира политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Заробени и уценети, тие шират илузија за мултиетничка влада. Но, Албанците не се наивни и нема да прифатат да бидат дел од ‘дигитален инженеринг’, дури и ако во него учествуваат Албанци од коалицијата Вреди“, се додава во соопштението.

На крајот, ДУИ упати порака до граѓаните:

„Овие обиди нема да поминат. Ќе се спротивставиме со сите демократски средства. Албанците ќе знаат да го заштитат својот глас, своето место и своето достоинство во оваа држава.“

CATEGORIES
TAGS
Share This