АЛБАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА – Следуваат средби и обраќање во Собранието
Средби со државниот врв и симболични активности во рамки на официјалната агенда.

Со највисоки државни и воени почести, претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во вила „Водно“ го пречека претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
По свечениот пречек, двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следеше и состанок на македонската и албанската делегација. Предвидено е Сиљановска-Давкова и Бегај да одржат и заедничка прес-конференција.
Во рамки на официјалната агенда, албанскиот претседател ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Тој ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе се обрати пред пратениците.
Посетата на земјава, Бегај ја започна вчера со престој во Општина Чаир, каде беше пречекан од градоначалникот Изет Меџити. Тие ја посетија Старата чаршија и положија цвеќе пред споменикот на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег.
За утре е најавена посета на Тетово, за што преку објава на Фејсбук информираше градоначалникот Билал Касами.
Поради официјалната посета на претседателот на Албанија, утре и задутре во Скопје ќе важи посебен сообраќаен режим.


