АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА – Партнери за иднината на регионот

Коридорот 8 како економски двигател, Проектот ги намалува трошоците, го скратува времето на патување и отвора нови можности за вработување.

АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА – Партнери за иднината на регионот
Фото: Национал

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во својот говор во Собранието ја истакна извонредната соработка меѓу Албанија и Северна Македонија, нагласувајќи ја важноста и влијанието на овие односи во регионот. Тој рече дека му претставува голема чест да биде во земја со која неговата држава гради силни и плодни врски.

„Нашите односи се столб на стабилност, регионална соработка и евроатланска ориентација. За Албанија, Северна Македонија е клучен фактор за зачувување на мирот, безбедноста и меѓуетничката кохезија“, истакна Бегај.

Голем дел од својот говор претседателот посвети на значењето на Коридорот 8, проект кој според него претставува пример за спојување на безбедноста и економијата.

„Коридорот 8 не само што ја поврзува Албанија и Северна Македонија, туку е стратегиска артерија за целиот регион. Намалува време на патување, ги намалува трошоците, ја поттикнува конкуренцијата и отвора нови можности за работа и развој“, нагласи Бегај.

Од собраниската говорница, Бегај повика на уште поголема соработка, унапредување на меѓуетничките односи, економската соработка и заеднички напредок на патот кон ЕУ. Тој порача дека во свет кој постојано се менува, Албанија и Северна Македонија треба како партнери заедно да го минуваат патот на промените, градeјќи ја иднината на регионот со доверба, стабилност и заеднички интереси.

CATEGORIES
Share This