АЛАРМ ВО БЕРЛИН – Земјоделците бараат итно намалување на даноците
Се бара итна реакција од владата на канцеларот Мерц.

Владата на канцеларот Фридрих Мерц треба итно да реагира за да им олесни на земјоделците кои се соочуваат со растечки трошоци за гориво и ѓубрива, изјави за ДПА Јоаким Руквид, претседател на Германското здружение на земјоделци.
Тој предупреди дека високите трошоци сериозно ја оптоваруваат земјоделската индустрија. Според него, доколку не се донесат брзи мерки, може да дојде до намалување на жетвата, како и до значително зголемување на цените на храната во текот на летото.
Коалициските партнери на Мерц се состанале во сабота и најавиле нови разговори во недела, фокусирани на влијанието на конфликтот со Иран врз енергетските цени, како и на планираните економски реформи.
Во меѓувреме, се појавиле несогласувања меѓу политичките партнери околу тоа кои мерки треба да се преземат, особено помеѓу конзервативниот блок ЦДУ и Социјалдемократската партија (СПД), чиј министер за финансии е Ларс Клингбеил.
Руквид предложи привремено намалување на данокот на CO₂ на дизел горивото, следење на цените на ѓубривата и укинување на надоместокот за CO₂ кај ѓубривата.
Тој истакна дека цените на азотните ѓубрива на светските пазари пораснале и до 40%, додека во Германија тие се повисоки за околу 30% во споредба со минатата година, нагласувајќи дека тие се клучни за приносите и квалитетот на производството.
Од друга страна, организацијата за заштита на потрошувачите и животната средина „Фудвоч“ оцени дека војната во Иран не треба да се користи како оправдување за барањата на земјоделскиот сектор. Наместо субвенции, тие сметаат дека секторот треба да се насочи кон помала зависност од фосилни горива.
Шефот на „Фудвоч“, Крис Метман, посочи дека органското земјоделство во моментот има предност бидејќи не користи енергетски интензивни ѓубрива поврзани со глобалните енергетски текови.
Тој, исто така, предложи укинување на даноците на овошје, зеленчук и мешунки со цел да се олесни товарот врз потрошувачите.
