АХВ ИЗРЕЧЕ КАЗНИ ОД 8.350 ЕВРА ЗА МЕСАРНИЦИ Уништени 323 кг небезбедна храна
Контролите се реализирани на 30 април годинава, на територијата на цела држава.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече казни во вкупен износ од 8.350 евра (во денарска противвредност) за 14 месарници низ државата, откако беа откриени низа неправилности при спроведување на 73 вонредни инспекциски контроли.
Контролите се реализирани на 30 април годинава, на територијата на цела држава. Како резултат на утврдената небезбедност, уништени се 323 килограми прехранбени производи.
Од АХВ информираат дека се издадени 23 решенија за отстранување на утврдени недоследности во работењето на месарниците. Во три случаи било утврдено дека операторите пуштиле во промет небезбедна храна, додека кај седум месарници биле забележани слабости во примената на добри производствени и хигиенски практики.
Дополнително, четири месарници не го спровеле задолжителниот санитарен преглед на вработените. Во три објекти било констатирано погрешно обележување на производите, а уште три месарници не биле евидентирани како оператори со храна во регистарот на АХВ.
Од Агенцијата најавуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат со засилен интензитет, со цел заштита на здравјето на потрошувачите и подигнување на безбедносните стандарди во трговијата со храна.


